Панчиќ: Момент за монумент или „претварање на Белград во Скопје“

Со лудачката интерполација на Савскиот плоштад на џиновски споменик на Стефан Немања во средина, „античкото Скопје“ буквално се сели во Белград.

3666

Режимот влезе во „барoкна“ фаза, обележена со отворено неразумно однесување во просторот. Подгответе се за 2.0 фаза на декаденцијата.

Има една стара карикатура, дали беше од Лец или Славомир Мрожек, создадена во длабочините и беспаќата на полскиот социјализам, како поубаво име за советската окупација: воз стои на отворена пруга, од него излегува машиновозачот и на збунетите патници им соопштува: „Возот не оди понатаму, но можам да ви одржам предавање за развојот на сообраќајот! “.

Ех, стари, мрачни времиња, беа, да не се повратат. Кај нас реченицата на машиновозачот од таа карикатура денес би можела да гласи вака: „Возот не оди понатаму, бидејќи ги нема веќе ниту пругата ниту железничката станица, но затоа можете да го разгледате споменикот на Стефан Немања!“ Па уште и ова: „А таму каде што во мрачните времиња беше железничката станица – фуј, фуј! – сега имате прекрасен музеј на Немањиќи!“, коментира Теофил Панчиќ во Време.

Значи, вака во блиската иднина би требало да изгледа Савскиот плоштад, како рабен дел од т.н „Белград на вода“, тој што се допира со обичниот, банален и нестручен Белград од времето пред Вучиќ: како советска монументална и празно-декоративна огромна површина на помпезното Ништо, со џиновски споменик на Стефан Немања во средина. Погледнете го тоа т.н. идејно решение (на пример на blic.rs), бидејќи тешко дека моите зборови ТОА може да го опишат достојно. Во импресивната еклектична каша на малку разводнетиот сталинистички и фашистички монументализам, во оргии на вулгарната и разметлива граденца без било каква човечка супстанца, не само плоштадот туку и градот кој го опкружува се претвора во безчовечко (античовечко) место на волуминозно Ништо кое го исполнува само horror vacui што каскадно громовито одекнува надолу до реката или нагоре по улиците на населбата што ја викаат Белград.

Уште првите амбициозни и неподносливо монументално-простачки интервенции во ткивото на Белград какви што преземаше или најавуваше т.н. власт на Вучиќ се нарекуваа „претварање на Белград во Скопје“, се разбира, не било кое и какво Скопје, туку она што во изминатите неколку години незамисливо брзо го нагрди режимот на малиот, незаситен, бескрупулозен папак Груевски Никола: тоа „античко“, тоа заглавено во новокомпонирани фантазии и распаметени егзалтации во просторот, и сето тоа во визија и режија на еден длабоко искомплексиран и уште подлабоко инфериорен ум. Всушност, повеќе нив: не може сето тоа да го смисли еден човек, кој и да е.

Од самиот почеток, на овие страници е воочено длабокото духовно и „естетско“ сродство на пропаднатиот македонски и пролупаниот српски режим, но „скопјанизацијата“ сепак не беше буквална, уништувањето на Белград навистина беше радикална и далекусежна, но се движеше во друга насока, на што е најдобар пример токму квазимодернистичката конфекционарност на „Белград на вода“.

Но, со оваа лудачка интерполација на Савскиот плоштад, „античкото Скопје“ буквално се сели во Белград, а тоа што е тука фетишот, „не антика и Аце Македонски со ширата фамилија“, туку киднапираните Немањиќи и „златниот српски среден век“, само е неважна варијација на темата.

И сето ова дотолку повеќе што приказната за Стефан Немања видлива од орбиталната вселенска станица на местото на железничката станица со околината (како нешто што им служи на вистинските, живи, сегашни жители и посетители на Белград) идеално се надополнува со другите безумни терористички напади на добриот вкус и достоинството на граѓаните, од типот на стометарските бајраци со државни знамиња и слично на тоа.

Што значи сето ова? Исто што значеше и во Македонија: дека режимот влегува во „барокна“ фаза, дека внатрешното лудило што зрачи од почетокот диво пулсира и во неговиот центар и по рабовите веќе нема ниту кој ниту што да го сопре, а дека сите неуспеси во димензиите на реалниот свет се видени како стратешко измамничко прикривање со гигантски џиџи-миџи за брзо фасцинирање на скудоумните.

Подгответе се, значи, за Фаза 2.0 на декаденцијата. Господарот, колку повеќе ќе ја губи контролата над процесите кои го надминуваат (а има малку што не го надминува, ќе ги остри забите на поданиците, особено на оние кои го гледаат колкав е навистина и каков што секогаш бил и каков што секогаш ќе биде. Ќе се дере на жените дека не раѓаат доволно, ќе треска за „чукањето на срцето“, како и за било што за што ем ништо не знае ем нема право да го засега во една демократска и секуларна држава, засилено ќе лови предавници, платеници „јадни и бедници“, а неговите слуги за тоа време – се разбира, со награда во форма на соодветни проценти и други рекетарски техники за своите ненаситни џебови – ќе склепуваат и молерисуваат еден виртуелен Белград (а и други градови, колку што може на локално ниво) наменет не за неговите жители, кои ги мрази и ги презира и би се ослободил од нив, бидејќи само му стојат на патот, не дури и за фамозните и митски туристи, кои во таквиот град нема да имаат причина да доаѓаат, ако не се баш сериозно перверзни; значи – никому. Тоа ќе биде град во кој – особено во центарот – животот ќе биде заменет со имитација или холографска проекција, град испразнет од луѓе и возила, од место за нормално домување, работа и боравење, град преполн со бесмислени „пешачки зони“ без пешаци и комбинација на кич на мало преку чешмарско-фонтаничка малограѓанштина и застрашувачкото монументално ѓубре чија цел е да го отруе секој поглед, да го загади секој призор, секоја дури и идеја за нормален живот.

На Груевски тоа му успеа во Скопје, и токму кога речиси го доврши своето неживотно недело – падна монументално. Како што слушам, наскоро ќе му судат. Но, за главниот злостор сигурно ќе остане неказнет, што веројатно и неговите тукашни Liebling-зи ги инспирира за нови побомбастични идеи.

Подготви: А.Ј.

ФОТО: gradnja.rs

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...