Премиерот Зоран Заев денеска на прес конференција рече дека зад измамата од страна на рускиите комичари стои добро организирана структура со цел да дискредитира земји кои имаат евроатлански аспирации. Тој рече дека во разговорите ги повторува ставовите кои и јавно се познати за тоа какви се аспирациите на земјава, а разговара и за теми за кои сите разговараат како проблемот на Косово и Србија, па не смета дека оддал државна тајна.
– Јас сум жртва на измама на добро организирана структура, која извлекува придобивки од нови тактики, облици и алатки за медиумска дискредитација, најчесто на личности и земји со евроатлантски аспирации. Ова е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратешки интереси да го завршиме процесот на нашето членство во НАТО. Тоа се добро организирани структури за ширење влијанија во интерес на трети страни – рече премиерот Заев.
Според него, не е тешко да се процени дека е така, бидејќи сосема очигледно е дека манипулациите излегуваат од пропагандни медиуми со изразена анти-НАТО ориентација, а во земјава први ја пренеле медиумски канали кои секој ден шират лаги, и анти-НАТО расположение.
Како што објавивме претходно на интернет се појави аудио снимка од разговори на премиерот Зоран Заев со руски комичари, убеден дека разговара со Столтенберг и со Порошенко.
Во прилогот што го објавиле комичарите (пранкерите) Владимир Кузнецов и Алексеј Столаров, тие тврдат дека три пати разговарале со Заев. Еднаш кон крајот на август минатата година, во јануари оваа година и на 20 април. Премиерот Заев, за цело време верувал дека разговара со поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко.
– Во еден дел на објавените телефонски разговори се вршени сериозни интервенции и се ставени во контекст кој не е автентичен и се излекуваат неточни заклучоци. Таков е објавениот дел за прашањето на Македонската православна црква, тоа е дел од разговорите во кои е направена интервенцијата – рече премиерот Заев.
Во останатите разговори, посочи, тој само ги потврдува неговите и заложбите на Владата за стратешките определби на државата.
– Во овој случај мета сум јас. Жртва сум на мојата отвореност и достапност за сите – рече Заев.
Премиерот посочи дека дека жртви на такви измамнички разговори биле и францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, музичарот Елтон Џон,…