Натамошно одлагање на започнувањето преговори за членство во ЕУ со Албанија и Република Северна Македонија, на кусо речено, претставува ризик, изјави денеска генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу.
– Кој било позитивен момент може брзо да се уништи, доколку и натаму се одлагаат перспективите за членство. Нема подобар момент за почеток (на преговорите) од сегашниот, имајќи предвид дека две членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (РСМ и Бугарија) заеднички го преземаат претседавањето со Берлинскиот процес, со што се зголемува одговорноста на регионот во овој процес – нагласи Брегу на отворањето на 11-от годишен состанок на РЦЦ, што се одржува денеска во Сараево во рамки на средбата на високо ниво на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП).
Брегу нагласи дека минатата година беше многу динамична за РЦЦ, истакнувајќи дека Советот ќе продолжи да работи со истиот „динамичен тон“ и во наредниот период.
– Советот за регионална соработка е подготвен и сака да се справи со кој било предизвик на кој ќе наиде, но тоа не може да го направи без целосна поддршка на партнерите од регионот и Европската унија. Нема потреба да губиме време, за потоа пак да го бараме – нагласи Брегу.
Во обраќање на состанокот, директорката за Западна Европа, Западен Балкан и Турција на Европската служба за надворешни работи, Анџелина Ејкхорст изјави дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува РЦЦ и ги повика партнерите од регионот „да се воздржат од комуникација преку медиумите“ и да се обидат да ги надминат несогласувањата.
Ејкхорст нагласи дека ЕУ сака да го оствари тоа што го вети во областа на поврзувањето, економската интеграција и спроведување на стратегијата за Западен Балкан, во соработка со РЦЦ и сите партнери од регионот.
Учесниците на состанокот ги потврдија годишниот извештај на РЦЦ за периодот 2018-2019 година, како и стратегијата и планот за работа на организацијата за периодот 2020-2022 година, што треба да биде усвоен на состанокот на министри за надворешни работи на СЕЕЦП.