„Господин Никој“ објави кандидатура за претседател на Хрватска (ВИДЕО)

286

Анонимен гејмер од Хрватска, кој се претставува како „Господин Никој“, се пријави за кандидат на претстојните претседателски избори во Хрватска.

Тој и се обрати на јавноста преку својот Јутјуб канал, поставувајќи снимка на која вели дека како „најпозитивен политичар според изборот на граѓаните одлучил да и се обрати на јавноста на таков начин и да се кандидира“. На медиумите им испратил соопштение, а своето лице во видеото го заматил, со цел да остане „Никој“.

Неговата кампања ќе има слоган „Да ја ресетираме Хрватска“, а главна цел е да ги „разбуди“ младите и да ги предочи нивните проблеми.

– Младите за мене се единствена надеж за спас на оваа држава. Никој од претседателските кандидати не ги истакнува како примарна целна група, па затоа одлучив да излезам во јавност и да им испратам порака. Иако овластувањата на претседателот се ограничени, сметам дека преку денешните канали за комуникација претседателот може и мора да врши притисок врз Владата и Парламентот со цел да се спроведат мерки кои ќе овозможат спречување на демографската катаклизма – нагласи „Господин Никој“.

Повеќе месеци „Господин Никој“ е еден од најпозитивните политичари во Хрватска и се наоѓа на врвот според симпатиите на граѓаните. Поттикнат од својата популарност, „Господин Никој“ смета дека негова должност и одговорност е да се кандидира за претседател на Хрватска, поради поддршката што ја има од граѓаните.

Тој тврди дека е опсесивен гејмер, вљубеник во планинарењето, а се залага и ја промовира културата на паметните градови. Роден е во градот Нин, оженет и татко на еден син.

ФОТО: Принтскрин / Јутјуб

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...