Сведокот Сашо Трајковски, инженер од УБК, денеска во кривичниот суд продолжи да сведочи во случајот „Таргет-Тврдина“ на СЈО кој се однесува на масовното прислушување.
Тој денеска одговара на прашањата на Сашо Мијалков кој е обвинет во предметот.
Зборувајќи за системите за следење на комуникациите сведокот рече кога ќе имало некој проблем во системот, во одредени ситуации не може да се знае дали тој е отстранет ако не пристапи кон содржина на одреден разговор.
Така, рече сведокот открил дека зад псевдонимот Лијаве бил прислушкуван Велија Рамковски. Псевдонимите биле правени во комбинација на слогови од имињата и покарактеристичните успеал да ги запамети.
– Зад псевдонимот Лијаве беше Велија Рамковски. По пријава на дефект интервенирав јас со рестартирање на сервер и потоа на веќе отворениот софтвер кликнав на таргет што се викаше Лијаве. Почна аудио со оној бипот пред да се воспостави врска, потоа соговорникот од другата страна кој не беше таргет рече „Добро утро, Рамковски”. Така открив дека зад тој псевдоним е тој – рече сведокот, а Мијалков го праша како токму тој таргет решил да го отвори од вкупно 20.000.
Трајковски одговори дека тој му се појавил на екранот.
– Точно ли е дека имавте тест броеви за да користите кога ќе има проблем за да не навлегувате неовластено? – праша Мијалков додавајќи зошто не ги користеле.
На тоа, сведокот одговори дека имало некои припејд броеви донесени за тестови, но не биле користени. Исто така, тој посочи и оти така немало да открие дека имало нелегално прислушување.
Како администратор во системот за следење, рече Трајковски, негова обврска е кога ќе забележи дека има таргети без судска наредба, да влезе и да провери од каде доаѓа таква аномалија.
Мијалков го праша и зошто кога видел дека има прислушување без судска наредба, не пријавил кај него. На тоа тој рече дека не отишол кај Мијалков затоа што имало корисничко име со ознаки дека се логира од неговата канцеларија и има пристап до сите таргети, и оние со и без судска наредба.
По ова, Мијалков иронично праша дали сведокот смета оти тој уживал да се слуша самиот себе како разговара со таргети и не ги отстранил тие разговори каде е тој.
Пред да почне испрашувањето од страна на одбраната, обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска, во судница изведе како доказ два извештаи за состојбата на двата системи за следење на комуникациите, Веринт кој се употребувал во 2004 и Најс кој бил инсталиран во 2008 година.
Трајковски рече дека извештаите се негови, тој ги изготвил по барање на началникот Горан Грујевски, но оти датумите не се совпаѓаат.
– Јас го изготвив извештајот за Веринт, но датумот што е наведен 30.12.2014 не се совпаѓа со времето кога јас го изготвив. Го направив по барање на началникот Грујевски на 25 февруари 2015. Она што е интересно во однос на овој извештај, ако е изготвен 2014 како што е наведено, во тоа време Ѕвонко Костовски се уште беше началник на единица и е мој претпоставен. Така што како началник на сектор јас би требало да се обратам до него, а потоа тој со пропратно писмо таквиот документ да го достави до началникот на одделот односно до Грујевски – рече Трајковски.
Несовпаѓање на датумот, рече сведокот има и за извештајот за системот Најс. Тој го изготвил и предал во архива на 17 февруари 2015, во документот е ставен датум 30 мах 2015.
Барањето да ги направи тие извештаи Грујевски му ги кажал усмено.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.