Најмалку 29 лица загинаа рано утринава во северна Индија, кога автобус излета од експресен пат и падна во амбис, соопшти полицијата.
Како пшто пренесува ДПА, несреќата се случила во областа Агра, во државата Утар Прадеш, откако возачот ја загубил контролата врз управувачот на автобусот, и дозволил возилото да падне во канал длабок 15 метри.
Автобусот, што превезувал 46 лица, се движел кон главниот град Њу Делхи.
– Најмалку 27 тела беа пронајдени во автобусот, што делумно беше потопен по несреќата. Уште двајца од патниците починаа подоцна, на патот кон болниците. Седумнаесет повредени се спасени – изјави еден полицаец од Агра.
Локалните медиуми објавија дека возачот заспал зад воланот, губејќи ја контролата врз автобусот. Не е познато дали и тој е меѓу загинатите.
Полицијата соопшти дека почнала истрага за утврдување на причината за несреќата.
Според најновите владини податоци, во Индија во 2018 година во сообраќајни незгоди загинале речиси 149.000 лица, а државата Утар Прадеш го има најголемиот скок во смртните случаи, наведува ДПА.
ФОТО: EPA / STR