Прашањето за консултирањето на бизнис-заедницата за правната регулатива е суштинско прашање кое треба да го има предвид секој овластен предлагач на оние закони и други прописи кои може да имаат некакви импликации врз работењето на деловните субјекти. Тоа е и една од најчестите и најлегитимните заложби на Стопанската комора на Македонија, како бизнис-асоцијација, која ги претставува и ги застапува интересите на своите компании-членки.
Во таа насока, често знаеме да ги потсетиме надлежните институции на ставот на познатиот британски премиер Харолд Вилсон, во седумдесеттите години на минатиот век, кој вели: „Подобро е Комората да ја имаме како партнер на Владата во конципирање на законите, отколку како опонент во нивната примена“.
Тоа укажува на фактот дека прашањето за бизнис-заедницата како конструктивен учесник во процесот на консултации при донесувањето на прописите не е нешто ново и непознато, туку напротив, тоа е прашање кое треба да биде третирано најсериозно, доколку предлагачите на прописите имаат намера да создадат недвосмислена, јасна и применлива регулатива, која ќе биде и предуслов за поттикнување на економскиот раст во здрави и стабилни правно уредени услови на стопанисување.
Наспроти примерите на своевидно „заобиколување“ на консултациите со бизнисот, како што се донесувањето закони по итна постапка, кратките рокови за доставување мислења по одредени прописи и слично, вреди да се споменат и позитивните искуства од консултативните процеси, како доказ дека сепак постои јасно изразена волја на носителите на државната власт да се создаде предвидливо бизнис-опкружување и поголем степен на правна сигурност во државата, преку почитувањето на сите претходно споменати консултативни процеси при создавањето на регулативата.
На пример, по барање на Комората, беше вклучен претставник во работната група која ги подготвува измените на Законот за прекршоци. Со овој закон во голем дел се усвоени барањата на бизнис-заедницата, односно се воведува разграничување на административен престап и судски прекршок, се пропишува забрана за изрекување кривична санкција и прекршок за исто дејствие, се доуредуваат опомените, се уредува можноста за ослободување од санкција кога прекршителот сам го увидел прекршокот и ги отстранил последиците, се ревидира моделот на одмерување на глобите, во насока на нивно намалување, се укинува мандатниот платен налог. Токму ова е едно позитивно искуство, кое покажува колку конструктивни предлози може да произлезат од консултативните процеси, а притоа тие да бидат од интерес не само за бизнис-заедницата како имплементатор на таквите одредби, туку и за доносителите на прописите и надлежните органи и тела кои вршат надзор над нивното спроведување. Ова особено треба да се има предвид поради фактот што доколку одреден пропис е неприменлив, тој ќе создаде проблеми во практиката, не само за оној кој е должен да го спроведува прописот, туку и за оној кој го утврдил, донел или врши контрола над неговото спроведување.
Позитивни примери, кои се резултат на активната улога на бизнис-секторот при донесување или менување на регулативата, се и донесените измени и дополнувања на Законот за данокот на добивка од декември 2018 година, со кој се создаде законска основа салдото на трансферираните парични средства кои по својата економска суштина се заеми, да не влегуваат во даночната основа при сочинување на даночниот биланс за финансиската година; прифаќањето на Иницијатива за изменување на одредбите од Законот за трговија со кои се укина временското ограничување за продажба на алкохолни пијалаци, како и измените на Правилникот за минималните барања за безбедност и здравје при работа на бремените работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат.
Исто така, едно позитивно искуство од процесот на консултации со Комората, како засегната страна, е и прифаќањето на голем дел од предлозите на бизнис-заедницата во Законот за јавните набавки, што се однесуваат на укинување на критериумот најниска цена како единствено одлучувачки при изборот на најповолна понуда, воведените одредби во насока на поголема транспарентност во постапките, како што се задолжителното објавување на склучените договори, нивните измени и извештаите за реализирани договори; одредбите во функција на спречување на корупцијата и зголемување на конкуренцијата, како што се воведената обврска за договорните органи за задолжително објавување на годишните планови за јавни набавки, како и нивните измени за тековната година, воведената обврска за договорните органи за задолжителна контрола врз спроведувањето на договорите за јавни набавки, воведената управна контрола на спроведување на постапките за јавни набавки и слично.
Постојат и многу примери на неприфатени забелешки на бизнис-заедницата по одредени закони или други прописи, иако претставници од бизнисот биле вклучени во подготовката на конкретниот правен акт , но самиот факт што не била изоставена или прескокната фазата на консултација, не ни дава за право да сметаме дека таквите случаи треба да бидат обележани како негативно искуство. Такви се примерите на Законот за трговски друштва, Законот за извршување и Законот за нотаријат , кај кои претставници од Стопанската комора на Македонија беа вклучени во работните групи за подготовка на измените и дополнувањата на истите, но определени барања на бизнис-заедницата сепак не беа прифатени, и покрај дадените предлози со детални образложенија. Тоа укажува на фактот дека процесот на консултации во постапката на донесување или менување на регулативата не мора секогаш да заврши со успех за сите засегнати страни, но секако дека значи поголем степен на одговорност и подготвеност на носителите на државната власт да ги образложат причините за неприфаќањето на одреден предлог. Во спротивно, предлагачите на законот се соочуваат со ризикот да бидат оценети како неподготвени, нестручни, неиздржани или површни во своите ставови по одредена регулатива.
Свесни дека сите барања на бизнисот не може да бидат прифатени во целост, но и упорни во барањата, Комората како една од најрепрезентативните бизнис-асоцијации во земјава, и понатаму треба да продолжи да ја остварува својата основна цел, а тоа е ефикасно претставување и застапување на интересите на бизнис-заедницата пред надлежните државни органи и институции, посебно во подготвувањето на стопанското законодавство, мерките и механизмите на стопанскиот систем и економската политика и утврдувањето на макроекономската и развојната политика на државата.