Иран од денеска ја зголемува границата за збогатување на ураниумот

97

Иран денеска ќе објави дека ќе го зголемува нивото на збогатување ураниум на пет проценти, што е над границата од нуклеарниот договор со шесте големи сили во 2015 година.

– Најавата ќе биде дека се зголемува нивото на збогатување на пет отсто од 3,67, како што е според договорот – изјави за западни медиуми ирански официјален претставник кој сакаше да остане анонимен.

Иранската агенција, Фарс, претходно пренесе дека нуклеарниот преговарач Абас Аракчи денеска ќе објави дека Иран престанува да се придржува кон неколку одредби од тој договор.

Денеска истекува крајниот рок што Иран им го даде на европските земји потписнички на договорот за почитување на договореното, откако САД се повлекоа од договорот по сопствена иницијатива и воведоа санкции за Техеран.

Израелскиот министер за енергетика Јувал Стајниц го нарече денеска  „умерено“ објавеното иранско збогатување ураниум, но исто така го обвини Иран за повлекување од меѓународно договорените ограничувања за нуклеарните проекти.

Стајниц проценува дека со тој потег Техеран почнува марш за потенцијален развој на нуклеарна бомба.

– Иран започна – иако сега е умерено зголемување – но почна да зголемува, со цел да излезе од ограничувањата наметнати врз него. Тоа значи … бришење на црвените линии за кои се согласивме и дека започнаа марш, марш, што не е едноставен, кон нуклеарно оружје – изјави Стајниц.

Тој е член на кабинетот за безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...