Новинарката Оливера Трајковска и бизнисменот Јордан Камчев денеска се појавија во Кривичниот суд во Скопје да сведочат за предметот „Тортура“ на СЈО кој се однесува на начинот на апсење на Љубе Бошковски ден по изборите во јуни 2011.
Поранешниот портпарол на МВР Иво Котевски повторно не се појави бидејќи не можеле да му достават покана.
Трајковска сведочеше прва и рече дека ја потврдува автентичноста на снимката од телефонскиот разговор со Камчев од дента на апсењето.
– Во разговорот, Јордан Камчев ми соопштува дека нешто ќе се счучува за еден час, му било кажано – рече Трајковска велејќи дека во разговорот за тој што му кажал користат термин „пријателот” за кого вели дека се мисли на Сашо Мијалков кој е првообвинет во случајот.
Така го нарекувал Камчев, а таа Мијалков го викала „телефонистот”. Кога разговарала со Камчев таа се потсети дека била кај гимназијата Јосип Броз Тито. Дента на апсењето рече поминала и кај ресторанот „Воденица“, а таму добила закана од маж кој и рекол: „Виде ли што му направивме на Љубе, сега ќе тргнеме по вас кон Алфа”.
Таа рече дека и од станот каде живее од терасата можело да се гледа кон „Воденица“ и од она што и било во видик можела да види дека таму е и Бошковски, а впечатокот и бил дека го носат пред медиумите за да даде изјава.