Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ организира мини саем на книгата, овој пат со издавачката куќа „Антолог“. На саемот, покрај најновите изданија, ќе бидат застапени и книгите на еден од најчитаните автори во последните месеци во кумановската библиотека Фредрик Бакман.
– Граѓаните имаат можност да се снабдат со најнови изданија и најбарани наслови со специјални намалувања и саемски попуст. Ова е убава можност за љубителите на книгата да се снабдат со книги, да ја збогатат домашната библиотека по промотивни саемски цени – изјави Ана Антевска од кумановската библиотека.
Кумановци во текот на годишните одмори бараат белетристика, љубовни, историски романи, трилер, класици.
И во наредниот период библиотеката ќе организира саеми на книга со различни издавачки куќи. Во текот на летото, надлежните од библиотеката планираат да организираат и други манифестации, со цел популаризација на книгата помеѓу читаталската публика во Куманово, меѓу нив промоции на книги од домашни автори, литературни читања и трибини, часови со писатели.
Читателите од Куманово ќе имаат можност секој ден да се снабдат со книги во периодот од 10 до 19 часот.