Марина Петровска и Огнен Караѓозевски се невеста и младоженецот на манифестацијата Галичка свадба

486

Марина Петровска и Огнен Караѓозевски се годинешните невеста и младоженец, кои ќе ја овековечат нивната љубов на традиционалната културно-сценска манифестација Галичка свадба, која по 46-ти пат, од 12 до 14 јули ќе се одржи на планината Бистра во Галичник.

Како што изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник на денешната прес-конференција во Скопје, свадбата ќе биде проследена со свадбарски обичаи и ритуали, народните носии и изворни песни од овие краеви на земјава и се очекува присуството на илјада посетители од земјава и странство. Покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски.

– Галичката свадба е светски позната и призната културна и туристичка манифестација, која придонесува за промоција на нашата земја и на сите нејзини убавини. Како организатори на манифестацијата пособено сме задоволни што и годинава на најдобар можен начин ја продолжуваме вековната традиција на Мијаците, како дел од македонското културно богатство.  Тоа, како и се поголемиот број на посетители на оваа манифестација, за сите нас претставува дополнителен мотив да продолжиме да вложуваме максимални напори да ја одржиме и постојано да ја збогатуваме – посочи Костиќ.

Ламбро Патче од „Пивара Скопје“, партнер на манифестацијата, им честита на младенците и наздрави за нивната љубов, среќа и бериќет.

– Гордни сме што веќе 46 години во континуитет сме неизоставен дел од оваа уникатна манифестација која е огледало на нашата богата традиција и културно наследство. Им честитам на младенците за нивната среќа и берикет, но и за пријателство и заедништво кои не поврзуваат и зближуваат. Тоа е исто она заедништво, иднина, пријателство, дружење како најисконска сила која ги поврзува во Галичник сите оние кои се од Галичник, но и оние кои се намирници и сакаат да го видат Галичник и нашата богата традиција – појасни Патче.

Тој додаде дека традицијата постоела со векови и треба со голем ентузијазам таа да се пренесува на следните генерации, да ги видат оние автентични ора, обичаи, традиција, адети, нардно носиик, галички специјалитети и архитектурата која се гнездила во Бистра.

Галичката свадба ќе започне во сабота на 13 јули, а венчавањето на младенците ќе биде следниот ден во храмот „Св.Апостол Петар и Павле“ во Галичник. Свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Традиционално, со одржувањето на Галичката свадба ќе се означи и почетокот на „Галичкото културно лето“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...