„Ние сакаме да им дадеме на нашите ученици можност да учат од учебници кои не содржат грешки“, изјави Дескоска во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Убаво, но што правиме ако самите учебници се грешка, ако е грешка предметната конфигурација на образовниот процес, ако е грешка методологијата и кадровската структура, ако е грешка целиот систем.
Уште полошо, ако целината на образованието не е грешка, туку е систем за хендикепирање на децата и на младите луѓе.
Јас очекував од Дескоска и од нејзината партија да ги отворат овие прашања, а не да ловат грешки во учебниците по хемија и физика. Односно грешките од тој калибар да ги исфрлат со сета валкана вода од образовниот систем и самиот систем како крајно валкана, да не речам, болесна работа. Да отидат на темелна реформа на образованието, како клучен сегмент на обновата на Македонија. Да се донесат искуствата од последните реформи во Финска како што во повоена Југославија беа донесени искуствата на Шведска, да речеме.
А што се однесува до ставот дека „нема да има измени или бришење на историјата од учебниците“, односно дека е „апсурдно тоа кој било да го бара или покренува“, ќе кажам две работи: историјата од учебниците треба да се клистира од глистите на лагите, не затоа што тоа го барааат Бугарија и Грција туку за да ги ослободиме нашите деца и младинци од комплексите и лагите за себе, особено за да ги ослободиме од опасноста да ги потрошат своите животи во одбрани на тие измишљотини и бесмислености како што направивме ние со нашите животи. И, второ, тоа е приоритет и модерен пристап, а не квазипатриотизмот низ ставот дека нема да се дадеме.
(ФБ статус на авторот)