Пресуда за случајот „Тревник“ на СЈО

420

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде објавена пресудата за случајот „Тревник“ на Специјалното јавно обвинителство, каде обвинети се Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд куќи во Зелениково.

Од СЈО бараат судот да ги осуди браќата Павловиќ за бесправно градење и да им ги одземе викендичките.

Според СЈО, обвинетите делото го сториле со умисла бидејќи иако знаеле дека немаат право на градба, сепак почнале да градат и иако спротивно на закон изградиле три викенд куќи во Општина Зелеников.

Одбраната, пак ги оспорува доказите на СЈО и посочува дека не успеале да го докажат делото за кое ги товарат.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да се одржат и нови рочишта за случаите „Маџар Телеком“, „Триста“ и „Т.Н.Т.“ на Специјалното јавно обвинителство.

Случајот против поранешниот генерален и поранешниот финансиски директор на Македонски телеком, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, познат како „Маџар телеком”, го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска од СЈО.

Постапката се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од обвинителството.

Судењето за „Маџар телеком“ почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде СЈО. Покрај Сендреи и Плат, обвинети се и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Се сомничат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин ги оштетиле „Македонски телеком“ и државниот буџет.

Во „Триста“ обвинет е поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...