Откако се занимавам со новинарската професија, а тоа е повеќе од 35 години, неспособни шупци постојано велат – нема медиуми, нема новинарство, нема новинари. Веројатно такви луѓе имало и пред мене во македонските редакции, а извесно е дека такви ќе има и во иднина. Молам бога годините што ме навасуваат и од мене еден ден да не создадат една таква шугава џукела што лае покрај патот, а никој не ѝ обрнува внимание.
За овие некадарници, „новинарство“ беше само она чудо во двете царства на социјалистичкиот журнализам, кога Партијата и нив и особено нивните шефови ги третираше како „општествено-политички работници“. И обилно ги наградуваше со незаслужени материјални добра и со уште понезаслужени почести. Се сеќавам, кога ние, тогаш почетници во големата новинарска „куќа“, низ прозорец го гледавме врховниот шеф како ита по булеварот ЈНА (сега Климент Охридски), се смешкавме: „Ене го директорот, оди по сопствено мислење во Це-Ка“.
По распадот на тој систем, нашите бездарни Мефистофелеси се приклучија кон новите медиуми, што ги покренаа таму некои „дечишта“. Ама и по некој „видовит“ од нив, со поддршка од познати бизнисмени, кои потоа ги оговараа каде што ќе стигнат. МРТВ беше паднала во тешка депресија (од која се нема опоравено до ден денес), додека империјата НИП „Нова Македонија“ ние „дечиштата“ ја урнавме како кула од хартија. Некадарни самите да покренат медиуми и да покажат што умеат, овие слепи патници се качија на новите „кораби“ и ги дигнаа високо своите едра, истовремено продолжувајќи си со носталгичните мантри за времето кога имало „вистинско“ новинарство и „вистински“ новинари.
Подоцна, откако сатрапот Никола Груевски целосно завладеа со медиумскиот простор и останаа само неколку мали островца на слободното новинарство – со сите трагични слабости, во поглед на девастираните ресурси, недостигот на квалификувани кадри, остсуството на волја за нови подвизи и слично – некадарнициве одвај успеаја да најдат нови „платформи“, за да ги „искористат“, како што ќе се пофали еден од нив подоцна, за сопствена промоција. Оти, знаеме веќе, тие самите немаат ни знаење ни храброст за нови потфати.
И еве, сега, по падот на режимот, новата, веќе подостарена власт, ги стави шупциве на апарати за реанимација, ангажирајќи ги за својата пропаганда и повторно обилно наградувајќи ги со незаслужени материјални добра и со уште понезаслужени почести. И види мајката, тие пак вреват на цел глас – немало медиуми, немало новинарство, немало новинари. Важно е да има муфте „џејмисон“…
Па еве ви шанса сега, фраери, сега ги имате сите пари и сета поддршка што може да се добие – кој ве спречува сега да создадете новинарство по ваша мерка? Или блоуџоб новинарството нешто слабо се продава, а?
Патем речено, да, јас сум еден од виновниците што на ваквите шајшутки им дадов шанса да се вратат од заборавот, каде што беа кинисале. Го сторив тоа искрено, верувајќи дека за слободата на печатот и за иднината на новинарството во Македонија е исклучително важно да одржиме една линија на континуитет помеѓу младите генерации, во чие образување и самиот учествував и постарите генерации, од кои учев. Сѐ уште сум убеден дека тоа е исправен пристап. Но, мојата вина е што ги потценив злобата и зависта на некои луѓе, кои никогаш нема да ни го простат успехот на нас „дечиштата“, што создававме екипи и покренувавме медиуми практично од нула, а при тоа и заработивме нешто пари.
Не спорам, новинарството во Македонија е на ниски гранки. Тоа го знае секој. Режимот на Груевски речиси го уништи. Новата власт, пак, не прави ништо сериозно, одбива да креира правна рамка и инфраструктура (систем, значи) за развој на медиумскиот сектор. И на неа ѝ е важна само пропагандата. Куртомуртијада.
Но, новинари во Македонија има. Малку се, всушност од ден на ден се сѐ помалку, ама вистински ентузијасти сепак има. И ќе ги има. Ќе се обидат тие здравите медиумски јадра да ги надградат, но и да создадат нови, зашто демократијата во една земја е незамислива без слободни и професионални медиуми. Ќе дочекаме ние (и ќе помогнеме, се разбира, колку што можеме), многу пупки кои сега „боледуваат“ или хибернираат, еден убав ден да расцветаат.
Долг ќе биде патот до целта, тоа е јасно. Но, во едно сум сигурен – никаде не се стасува со жалопјките на старите „новомакедонски“ новинарски опајдари. Тие луѓе веќе ја чувствуваат творечката и човечка немоќ да пронајдат ронка ентузијазам, креативност и енергија во своите, од блоуџоб новинарство изморени, папсани усни. Умираат тие истрошени души и мислат дека целиот свет мора да умре заедно со нив. Та дури тоа и јавно го посакуваат. Колку тажно…
Оставете ги тие џукели да џавкаат покрај патот. Нека си мантраат што сѐ немало и што сѐ морало да умре, за да живне барем малку нивната бесмислена старечка суета. А што друго им е работа на шугите?