Метлата ќе смете 25 или 5 директори, разногласие меѓу Заев и Ахмети

2120

Ако бидеме подготвени идната недела, во вторник, на 9 јули, би можеле да донесеме одлука за смена на директори. Промени ќе има најверојатно на 20 – 25 места, директорски и кај раководители на подрачни единици, изјави премиерот Зоран Заев и додаде дека сака да ги преслуша уште еднаш аргументите зашто одлуките мора да се праведни.

Наспроти најавата на премиерот,  за метлата на директорите се лиферуваат спротивни информации од владините партнери и неизвесно е дали ќе бидат сменети 25 или само 5 директори.

Според функционери на ДУИ, метлата на кадрите од вториот и третиот владин ешалон е на „стенд бај“. Извори од владината коалиција брифираат дека ниту на утрешната владина седница нема да се расправа за смена на заменици министри и на директори и дека наместо првично најавената смена од 25-6 директори таа ќе се сведе на неколкумина.

Информациите се дека се изјаловил договорот помеѓу владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети да се сменат 5 до 6 директори од ДУИ и 20 од СДСМ и коалицијата.

Според информации од ДУИ, премиерот се пишманил и се повлекол од првичниот договор, а во меѓувреме немало средба помеѓу Заев и Ахмети за нова листа на директори кои би требало да бидат зафатени од метлата. Сега се тврди дека ќе бидат сменети само неколку.

Средба меѓу владините партнери не се очекува до крајот на неделава, бидејќи премиерот по утрешната владина седница ќе лета за Полска на самитот за Западен Балкан, а викендов, според најавите ќе оди во Париз.

Од тие причини ни од СДСМ, ни од ДУИ не сакаат да откријат кој од директорите биле на листата за чистка и зошто пропаднал договорот.

Во медиумите веќе се лиферуваа информации дека метлата ќе ги зачисти кадрите на ДУИ во Бирото за јавни набавки, Агенцијата за странски инвестиции, „Македонија пат“, Македонски железници“и од Центаро за услуги во клиниките. Додека од кадрите на СДСМ и коалицијата беа најавувани смени во ЕЛЕМ, МЕПСО, Фондот за иновации…

Доколку информациите се потврдат, од големата најава дека ќе бидат сменети меѓу 20 и 30 функционери, метлата освен што удри по министерот за финансии Драган Тевдовски, ќе замете само уште неколку директори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...