Десетина скопјани колабирале, инфаркт демне ако од ладно излезете на плус 40

Постара скопјанка вчера се онесвестила пред продавница во Лептокарија, а имало и граѓани кои колабирале при влез во банка, на пазар и на други јавни места. Во Брза помош на „194“ вчера се јавиле над 100 граѓани, а со интервенција на терен екипите  одговориле на помалку од 100 повици.

638

Десетина скопјани вчера колабирале на јавни места, кога температурата во главниот град достигна 38 степени Целзиусови, по што им била укажана итна медицинска помош од Службата. Лекарите предупредуваат – никако не излегувајте од изладена просторија директно надвор на плус 40 – бидејќи може да се добие инфаркт или мозочен удар.

Постара скопјанка вчера се онесвестила пред продавница во Лептокарија, а имало и граѓани кои колабирале при влез во банка, на пазар и на други јавни места. Во Брза помош на „194“ вчера се јавиле над 100 граѓани, а со интервенција на терен екипите  одговориле на помалку од 100 повици.

– На овие тропски температури граѓаните никако нагло да не излегуваат или влегуваат од топло на студено, во климатизирана просторија и обратно, од изладена соба директно надвор, на плус 40 степени. Мора да се дозволи организмот да се прилагоди, а не да се излегува од 18 степени директно на плус 40, ова особено важи при влез и излез од возилата, каде климата не смее да се пушта на најсилно. При нагла промена во температурите може да дојде до нагло стегање на крвните садови и да се случат цереброваскуларни и кардиоваскуларни испади, односно да се добие инфаркт или мозочен удар. Требаат барем 5 до 10 минути за организмот да се привикне, да не биде промената нагла – советува  д-р Весна Неделковска, шеф на смена во Службата за итна медицинска помош во Скопје.

Таа нагласува дека разликата во температурите не би требало да е поголема од 10 степени, за да има што помалку вакви несакани случки, како колапси, мозочни или  срцеви удари.

Да потсетиме, граѓаните за здравствени совети може да се јавуваат и на „Ало докторе“ на телефонот 02/15 123.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...