М-НАВ демантира дека имало ризик од судир на два авиона

543

Од дозволената сепарација од осум километри хоризонтално, двата авиона споменувани вечерва на телевизија Сител и во неколку портали, се доближиле на шест километри што претставува далеку од каква било можност за судир, се истакнува во соопштението на М-НАВ АД Скопје кои најостро ги демантираат обвинувањата дека во мај годинава бил можен судир на два авиона над македонското небо.

„Настанот е уредно пријавен до АЦВ и испитан за што се преземени мерки согласно законските прописи. Ваквите настани се случуваат во авијација и истите се предвидени во безбедносните таргети“, појаснуваат од македонската авијација.

Според нив, изјавите од таканаречените свиркачи – експерти, претставуваат еклатантен пример за непознавање на постапките и процедурите во воздухопловството, поради фактот што ниту еден настан не може да се сокрие заради обврската за негово пријавување од контролорите на летање, но и од пилотите на авиокомпаниите.

Од М-НАВ појаснуваат дека секоја пријава за намалено растојание помеѓу воздухоплови на минимално пропишаните норми, се класифицира според европските норми и истите се пријавуваат од страна на контролорите на летање на посебни формулари, што е во согласност со позитивната домашна законска регулатива и европска пракса во воздухопловството.

Воздухопловната навигација, информираат од М-НАВ, во последните две години бележи одлични резултати во растот на сообраќај, кој е повеќе од 40 проценти.

„Секоја година имаме надминување на рекордот во делот на број на прелети на ден, што беше случај и претходната сабота, 29 јуни 2019 година, кога повторно го надминавме рекордот и достигнавме 1.042 прелети на ден. Паралелно со ова зголемување на сообраќајот пораснаа и финансиите на Друштвото за повеќе од пет милиони евра во периодот од две години што е резултат на посветеноста и работата на директните чинители во давањето на услугите во водухопловната навигација, Секторот за воздухопловна навигација предводен од новото раководство“, истакнуваат од М-НАВ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...