Исмаили чека сигнал од Џафери дали да го свика Комитетот за да расправа за новите празници

Пратеникот Рубин Земон денеска упатил и барање до Џафери, Собранието на пленарка да не расправа за предлог законот сѐ додека не се добие мислење од Комитетот.

1044

Девет пратеници, членови на Комитетот за односи меѓу заедниците бараат Комитетот да расправа за предлог измените на Законот за празници откако Владата доставила негативно мислење за измени на тој закон. Пратеникот Рубин Земон денеска писмено побарал од претседателот на Собранието, Талат Џафери парламентот да не расправа за таа точка иако законот е ставен на дневен ред на пленарната седница закажана за 9 јули.

Засега е неизвесно дали претседателот на Комитетот ќе свика седница и дали Џафери ќе ја одложи расправата за законот додека за него не се изјасни Комитетот.

Владата доставила негативно мислење за предлогот за изменување и дополнување на Законот за празниците, со образложение дека граѓаните на Македонија ќе добијат 10 нови неработни дена.

Плусинфо неодамна објави дека ќе се воведат десет нови празници за заедниците кои во Преамбулата на Уставот се наведени како „други“. Свој ден за славење ќе добијат Словенците, Унгарците, Полјаците, Балканските Еѓипќани, Хрватите, Црногорците, Ерменците, Бугарите, Грците и Русите кои живеат во Македонија.

Претседателот на Комитетот, Исмаили не прецизира дали ќе свика седница. Тој само рече дека Комитетот одржува седници на барање на третина од членовите или доколку претседателот на Собранието го побара тоа.

Од друга страна, пратеникот Земон ни изјави дека веќе поднеле барање Комитетот да расправа. Земон денеска упатил барање и до Џафери, Собранието на пленарка да не расправа за предлог законот сѐ додека не се добие мислење од Комитетот.

Според предлагачите на измените на Законот за празници, објаснувањето на Владата дека граѓаните на Македонија ќе добијат 10 нови неработни дена е погрешено, бидејќи 99 отсто од граѓаните не се опфатени со овој предлог закон, кој е во духот за развој на концептот на едно општество за сите без дискриминација.

Инаку иницијативата за измени на законот претходно доби подршка од пратеници од сите пратенички групи.

Во Законот за Комитетот за односи со заедниците, една од основните задачи на Комитетот е да разгледува прашања од односите меѓу заедниците и да дава мислења за нивно решавање.

Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои 7 Македонци, 7 Албаници, и по еден Турчин, Србин, Влав, Ром и Бошњак. Врз основа на членот 8 став 6 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците претседателот на Комитетот свикува седница и ако тоа го предложат најмалку една третина од членовите на Комитетот.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...