Одложено продолжението на Самитот на ЕУ

152
ФОТО: EPA / CHRISTIAN BRUNA

Почетокот на продолжението на заседанието на Европскиот совет, што беше превиден за денеска во 11 часот, е одложен за неколку часа, со цел на лидерите на земјите членки на ЕУ да им се даде дополнително време за консултации.

Портпаролот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, Пребен Аман на Твитер објави дека Самитот ќе почне во 13 часот и дека продолжуваат консултациите.

Лидери на ЕУ денеска, трет ден по ред., се обидуваат да се договорат околу новите раководни лица на европските институциите. Во пакет се избираат претседатели на Европскиот совет, Европската комисија и на Европската централна банка, како и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Главен спор меѓу лидерите предизвикува категоричното противење на земјите членки на Вишеградската група нов претседател на Европската комисија да биде холандскиот социјалдемократ Франс Тимерманс.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш претпладнево повтори дека земјите од Вишеградската група – Полска, Словачка, Унгарија и Чешка остануваат на ставот дека се против изборот на Тимерманс за претседател на Еврокомисијата.

– Тимерманс е неприфатлив. Не можам да разберам како лидерите на Франција, Шпанија, Холандија и Германија за 21 час не сфатија дека Вишеградската група нема да прифатат тој човек да биде на чело на Комисијата на ЕУ – изјави Бабиш, изнесувајќи критики за ставовите на Тимерманс околу прашањата за миграцијата.

Тимерманс е актуелен потпретседател на Европската комисија и еврокомесар за меѓуинституционални односи, владеење на правото и почитување на Повелбата за фундаменталните права и од оваа позиција раководеше со постапките против Унгарија и Полска за прекршување на европските правила на владеење на правото.

Бабиш истовремено истакна дека актуелната еврокомесарка за конкурентност, данската либералка Маргрете Вестагер е многу подобар избор за прв човек на Еврокомисијата. Тој сепак призна дека лидерите на Вишеградската група немаат ист став околу ова прашање.

Од друга страна, шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека Тимерманс не смее да биде отфрлен како кандидат за претседател на Европската комисија, само поради неговите принципи.

Според него, земјите од Вишеградската група го одбиваат Тимерманс затоа што тој има „утврдени принципи и европски вредности“ и за тоа што ги штити (европските) договори.

– Тоа е неприфатливо за нас – изјави Санчез.

Запрашан околу можноста Вестагер да биде избрана за претседателка на Еврокомисијата, Санчез изјави дека таа е многу сериозен кандидат и дека остварила „извонредни резултатите“ како еврокомесарка.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека сите лидери на земјите членки на мора малку да отстапат од своите почетни ставови, со цел да се постигне договор за именување на првите луѓе во институции на ЕУ.

– Сметам дека секој мора да разбере дека мора малку да ги помести своите почетни ставови. Така ќе добиеме шанса да постигнеме договор – изјави Меркел.

Луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел изјави дека очекува лидерите на ЕУ денеска сепак да постигнат компромис околу изборот на челниците на европските институции.

– Не бараме суперѕвезда, бараме кандидат со можен консензус – изјави Бетел.

Тој нагласи дека претставниците на Европската народна партија (ЕПП) имале „проблем” за време на вчерашните разговори и додаде дека се надева оти се „рестартирале” за време на паузата.

– Очекувам договор и се надевам дека ќе ги поделиме работните места на двајца мажи и две жени – рече Бетел.

Италијанскиот премиер Џузепе Конти пак изјави дека би сакал жена да биде на чело на новата Европска комисија.

– Би ми било многу драго да имаме жена за претседателка на ЕК – истакна Конте.

Според дипломатски извори, во консултациите се разгледува опцијата за претседател на Европската Комисија да биде назначен Тимерманс, за прв човек на Европскиот совет се споменува Бугарката Кристалина Георгиева, за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност во игра се актуелниот белгиски премиер Шарл Мишел и еврокомесарката Вестагер, додека Германецот Манфред Вебер од Европската народна партија (ЕПП) и белгискиот либерал Ги Верхофстат би го делеле претседавањето со Европскиот Парламент, по две години и половина секој.

ФОТО: EPA / CHRISTIAN BRUNA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...