Шефот на државата не се извинува, јавноста ќе почека на тет-а-тет средба Пендаровски – Мицкоски

Но, ова не значи дека нема комуникација помеѓу кабинетите на Пендаровски и Мицкоски, барем како што за Плусинфо велат од кабинетот на претседателот на државата.

855

Јавноста ќе почека на тет-а-тет средба помеѓу шефот на државата Стево Пендаровски и лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. Мицкоски ја услови средбата во четири очи со извинување од Пендаровски за Гоце Делчев. Пендаровски пак, нема намера да се извинува, напротив во изјава за Плусинфо го упати Мицкоски да се однесува одговорно во интерес на граѓаните и државата и во духот на преземените обврски за добрососедските односи и прекин на политиката на поделби.

Пендаровски како нов шеф на државата досега не остварил средба со Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ прво му забележа дека не бил поканет во Собанието на инаугурацијата на Пендаровски, а сега му порача дека нема ни да се стретне со него ако претседателот на државата не се извини на јавноста за неговиот став за Гоце Делчев.

Но, ова не значи дека нема комуникација помеѓу кабинетите на Пендаровски и Мицкоски, барем како што за Плусинфо велат од кабинетот на претседателот на државата.

– Стратешка цел на Република Северна  Македонија е влезот во НАТО и ЕУ и во таа насока потребно е сите поедници и институции да се однесуваат одговорно, водејќи се од интересите на граѓаните на земјата и во духот на преземените обврски за добрососедски односи и прекин на политиката на поделби. Кабинетот на претседателот Пендаровски и кабинетот на Мицкоски имаат редовна комуникација. Претседателот Пендаровски ќе ги продолжи комуникациите со сите релевантни чинители на политичката сцена за остварување на целите за кои поддршка дава мнозинството граѓани – велат за Плусинфо од Кабинетот на Пендаровски.

Мицкоски викендов во интервју за Канал 5 рече дека секогаш кога ќе биде повикан на лидерска средба каде што ќе се одлучува за иднината на држава ќе присуствува.

– Но, доколку господинот Пендаровски сака да има тет а тет средба со мене тогаш ќе треба да докаже дека е претседател на сите граѓани. И ја користам оваа прилика еве да му упатам еден апел доколку навистина искрено сака средба со лидерот на опозицијата, прво што треба да направи е да им се извини на Македонците во Република Македонија за неговата изјава за Гоце Делчев и истата да ја повлече, па дури потоа може да разговараме за наша заедничка средба – рече Мицкоски.

Претседателот Пендаровски неодамна во емисијата 360 на Алсат, рече дека „вистина е дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин, таков бил историскиот контекст, но вистина е и дека се борел за самостојна македонска држава.

– И еве можеби да излезам надвор од мојот мандат, бидејќи во изминативе неколку недели имав интензивна комуникација со луѓе што се разбираат во таа работа, затоа што јас сум сигурен дека тоа постепено станува политички проблем. Тврдам дека тоа допрва ќе станува политички проблем ако пристапот од бугарска страна продолжи да биде ваков. Значи, неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку познавање од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е историска вистина, стопроцентна, дека Гоце Делчев се борел за македонска држава? Автономија, независна држава, па дури на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија – рече Пендаровски во интервјуто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...