Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска во Кривичниот суд ги изнесе завршните зборови за случајот „Тревник“ кој се однесува на викендиците на новинарот Драган Павловиќ Латас и неговите браќа во Зелениково и побара судот да ги прогласи за виновни за делото бесправно градење и да им ги одземе викендиците.
„Очигледно е дека обвинетите започнале со градба на куќите многу порано пред да ги имаат одобренијата за градење и работите за градба на истите изведувачот ги имал завршено во најголем дел уште во декември 2012 година“, наведоа од СЈО во завршните зборови.
Во нив осврт се направи и на „бомбите“, на исказите на сведоците, материјалните докази…
„Прашањето за кое расправаме во овој предмет е кога обвинетите започнале со реализација на нивната желба за изградба на куќите во Зелениково. Од доказите на обвинението произлегува дека тоа се случило пред да бидат обезбедени законските претпоставки за почеток со градба, односно далеку пред да имаат добиено одобренија за градење на објектите“, наведоа од СЈО.
Обвинетите, според СЈО, ги извршиле кривичните дела за кои се обвинуваат со умисла, бидејќи биле свесни дека ги градат куќите во Зелениково без одобренија за градење, биле свесни за забранетоста на таквите дејствија и дури биле свесни дека куќите можат да им бидат срушени затоа што ги граделе бесправно, но сепак продолжиле со градење на истите.