Парламентарните избори во Унгарија кои се одржуваат денес, влегоа во својата експлозивна фаза пред крајот на кампањата во која на премиерот Виктор Орбан се истурија дрвја и камења преку обвинувања за корупција и перење пари во огромни размери. Во тоа водеше Magyar Nemzet, весник и портал, кој тврдеше дека зад инвестициите на некои арапски шеици во недвижен имот во Унгарија стојат пари со кои претходно се купувани дијаманти, пренесува Експрес.
Орбан го напаѓаа медиуми кои се во сопственост на неговиот неодамнешен пријател, олигархот Lajos Simicskа, човекот кој со премиерот на Унгарија е близок уште од средното училиште и факултетот. Simicska уште од 90-тите години е еден од поважните луѓе на Орбановата партија Фидес, а Орбан беше дарежлив кон него со тоа шо го поставуваше на места како што е директор на даночната управа, а, како и некои други финансиски моќници, го поставуваше и на места од кои се контролираше дистрибуцијата на јавните пари и тие од фондовите на ЕУ.
Пријателството наводно пукнало во моментот кога Орбан под притисок на Европската комисија воведе соодветно оданочување на приватните медиуми и го регулира рекламирањето, што не му се допаднало на неговиот пријател.
Медиумите фронтално го напаѓаа Орбан пред изборите тврдејќи дека ФБИ води истрага за перење пари на владата во износ од 3 до 4 милијарди евра, како и тоа дека станува збор за пари што наводно се украдени од фондовите на ЕУ и потоа преку унгариските државни банки и дијаманти се проследени до соодветни места во арапските земји. Во врска со обвинувањата мораше да се јави и полицијата, иако со многу необично соопштение во кое експлицитно се заклучува дека наводите во статијата „се далеку од реалноста“. Magyar Nemzet досега беше познат како политички конзервативен весник, кој ја напаѓаше исклучиво лево центристичката Унгарска социјалистичка партија (MSZP) и Либералната алијанса на слободните демократи (SZDS). Но, по расколот меѓу Simicskа и Орбан, олигархот, кој некогаш беше познат како близок пријател на премиерот, се сврте кон екстремно десничарската Јобик и сега дури и отворено ги навредуваше Фидес и Виктор Орбан како „крадци“, дури и со уште погрди изрази.
Јобик досега во националниот парламент имаше 24 пратеници од 199 места, а Фидес според досегашните анкети има 39 проценти. На Орбан сепак му стои меч над главата затоа што околу 29 отсто од гласачите не се изјаснија за кого ќе го дадат својот глас.
Владата обвинета за нелегално шпионирање на невладиниот сектор
Другата голема афера која предизборната кампања во Унгарија ја доведе до вжештување се однесува на отворените напади на медиумите, наклонети на Орбан или под негова контрола, на НВО секторот во Унгарија. Особено Орбановата демонизирачка кампања против Џорџ Сорос, во која не недостасуваа ниту масовни плакати со крајни навреди против Сорос по улиците на унгарските градови. Еден од последните испади беше и излегување во јавноста на наводни тајни снимки на водачи на невладините сектори со кои се докажуваат врските со Сорос со што наводно се докажувало странското мешање во внатрешните политички работи на Унгарија.Но, со тоа Орбан само си отвори место за напад дека тој и неговата државна власт започнале со апсолутно нелегално шпионирање на невладиниот сектор, и тоа со помош, меѓу другото, на странските разузнавачки агенции и преку незаконско прислушување на Унгарците.
Провладиниот весник Magyar Idok во својата статија отиде толку далеку што тврдеше дека поседува снимки на кои организации кои се финансирани од Сорос биле вклучени во револуцијата на плоштадот Мајдан во Украина во Киев, со која беше соборен претседателот Виктор Јанукович, дека„”Соросовите здруженија“ притоа соработувале со ЦИА, и имплицираше дека тоа може да се повтори и во Унгарија.
Во последниве неколку месеци, најмалку четири невладини организации, меѓу кои се Институтот отворено општество, унгарскиот Хелсиншки комитет и унгарската организација за помош на мигрантите Migration Aid, пријавиле дека на состаноци ги повикувале личности кои очигледно лажно се претставувале како претставници на различни компании, медиуми и слично од Бахреин, Финска, Македонија и Франција. И сето тоа за да извлечат информации за нивните контакти.
Подготви: А.Ј.