На „Варшавска“ нова водоводна и канализациска мрежа

189

Градот Скопје преку ЈП „Водовод и канализација“, заедно со Општина Карпош, денеска ја почнаа изградбата на новата водоводна и канализациска мрежа на улицата „Варшавска“ во скопската населба Тафталиџе.

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски информира дека водоводната мрежа е во должина од околу 110 метри со Ф160, додека канализационата мрежа со околу Ф250 во должина од 120 метри.

Тој нагласи дека вкупната инвестиција на јавното претпријатие е од сопствен буџет и ќе чини околу 4,5 милиони денари.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев кажа дека овој месец општината почнува целосна и темелна реконструкција на кракот на улица „Варшавска“ од булеварот „8-ми Септември“ до улицата „Париска“ за да биде поефикасно и побрзо работењето и да нема дополнителни инфраструкурни зафати, додавајќи дека работат на нова атмосферска канализација и на нов детски парк во населба Криви Дол.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изјави дека изградбата на новата водоводна и канализациска мрежа ќе овозможи приклучување на новоизградените и на дел од постојните објекти на улицата, со што, како што рече, ќе се обезбеди во наредните 30 години да има подобро и поквалитетно водоснабдување и канализациска мрежа на овој дел од Скопје.

Тој додаде дека скопската вода е втора во Европа по својот квалитет, додавајќи дека потребни се околу 30 години да помине низ природните филтри водата од Шар Планина, по подземните патишта преку Полог и Жеден додека да дојде до скопјани.

– Скопје и Виена се единствените градови во Европа кои имаат еден ваков природен филтер кој овозможува постојано снабдување со здрава и квалитетна вода за пиење. Заради тоа со забрзан интензитет продолжуваме понатаму со развивањето на водоводната и канализациона мрежа за да обезбедиме поквалитетни услови за живот за сите наши сограѓани без разлика во кој дел од градот и кога го пронашле својот дом – рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов упати апел до граѓаните за разбирање додека траат градежните активности.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...