Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска и во наредните два дена, целата држава ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза информира Министерството за здравство.
„Под влијание на топол бран утре и во среда (03.07.2019 година) максималните температури насекаде ќе бидат над 30, а на повеќе места ќе надминат и 35 степени. Зголемената влажност на воздухот ќе допринесе да се има чувство дека температурите се повисоки од измерените. Од среда до петок во попладневите часови ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи“, се вели во информацијата.
Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури:
– Заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
– Носење светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината)
– Консумирање лесна храна и течности, посебно да се внимава при подготовка и консумирање на храната, како и избегнување термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца и внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
– Потребно е внесување поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
– При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
– Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
– На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на пропишаната терапија.“