Македонија на крстопат – Русија, Кина и Турција го туркаат Балканот во хаос

Брисел повеќе не мора да има шпион во Кремљ за да дознае дека Москва ќе стори сé за да ја спречи Македонија да влезе во НАТО.

3988

Преку ова подрачје е најлесно да се дестабилизира Европа, само, колку е моќна ЕУ за брзо да ги прифати балкансите земји?

Втората светска војна е готова, но Првата светска војна сѐ уште не е завршена, со ваква анегдота, што неодамна ја слушнал од еден висок официјален претставник на Турција, ја започна својата анализа за Гардијан Иван Крастев. Реномираниот аналитичар од Бугарија објаснува дека сличен коментар немало повеќе да го изненади ако го слушнел и во Москва, Киев или на Балканот. Сето тоа во светло на дестабилизација на европскиот континент преку земјите на Балканот, пишува Сергеј Жупаниќ за Експрес.

Единствено место каде што тоа не би смеело да се слушне, е Брисел. И тоа затоа што ЕУ сѐ уште не е подготвена за живот во свет во кој геополитиката се врати со голем стил, во кој владите, како и голем дел од јавноста, сѐ уште се опседнати со граници и територии и имаат тенденција успехот во помала мера да го мерат со економски развој, а повеќе со националната гордост.

Токму ова се случува на западниот Балкан, каде што способноста на ЕУ да размислува и да дејствува како геополитички играч е ставена на сериозна проба. На почетокот на февруари годинава, ЕУ ја претстави својата нова стратегија за Балканот. Декларираната цел е да ги охрабри реформите во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Албанија, на начин што ќе ги обноват своите можности за членство во ЕУ. Не е мало изненадувањето што институциите во Брисел се охрабрија толку многу за повторно да ветуваат членство во ЕУ во време кога повеќето земји на ЕУ се погодени со десничарски популистички бран.

Една шега од Балканот најдобро го опишува расположението на тамошните народи кои се чувствуваат оставени да чекаат предолго на членството во ЕУ, разликата меѓу оптимистите и песимистите е дека оптимистите веруваат дека Турција ќе влезе во членство кога Албанија ќе претседава со ЕУ , додека песимистите веруваат дека Албанија ќе стане членка за време на претседателствувањето на Турција. Што значи – никогаш. Брисел постапи правилно кога разјасни дека staus quo не е одржлив.

Но, без конкретни потези потоа, прогласот ризикува да доведе до нестабилност во тој регион. ЕУ треба најмногу да се плаши од повторување на украинското сценарио во кое поддршката на европската перспектива на некоја национална влада предизвикува реакција кај противникот на проширувањето, читај кај Русија, наместо европските влади да работат на таквиот проект.

Многу фактори доведоа до фактот Балканот повторно да стане главна тема, меѓу другото и бегалската криза која длабоко го потресе регионот. Импулсот за понатамошна интеграција повторно се зголемува по период во кој ЕУ се сметаше за организација која даваше малку пари со многу услови.

Еден охрабрувачки развој на случувањата, иако слабо приметен, е ратификувањето на Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија, две земји чии односи долго време беа оптоварени со, на пример, во најголем дел малцинските прашања. Меѓутоа, бидејќи и двете го прифатија овој чекор напред, покажаа дека е време да се бараат решенија за некои регионални проблематични прашања. Сепак, за да успее ЕУ во својот обид да го промени Балканот, ќе мора да биде свесна за влијанието на геополитичките промени што се случија овде. Во 2003 година, кога ЕУ прв пат го вети членство на Балканот, се чинеше дека нема доволно простор за сомневање дека иднината на овие земји навистина ќе биде европска. Русија гледаше на Балканот првенствено како на транзитна област за извоз на енергија на пазарите во Западна Европа. Амбицијата на Москва тогаш беше да зачува одреден степен на влијание, а не да се натпреварува против Брисел тука.

Пред 15 години, Турција беше многу ентузијастички настроена на пристапувањето во ЕУ. Како резултат на тоа ги обликува своите балкански политики за да ѝ ја покаже на Европа својата стратешка вредност.


Во тоа време на Балканот никој не ја споменуваше Кина. Денес, меѓутоа, геополитичкиот натпревар е во полна сила. Кина се обидува да стане најголемиот инвеститор во Србија оваа година. Плановите за изградба на брза железничка линија меѓу пристаништето Пиреја во Грција и Будимпешта, преку Белград, се од огромна вредност за Кина која го спроведува својот проект „еден појас, еден пат“ на трговски пат меѓу Азија и Европа. Кина додуша, навистина се надева дека земјите од Западен Балкан на крајот ќе станат дел од единствениот европски пазар, но истовремено не се брза нејзините инфраструктурни проекти да ги прилагоди на законите на ЕУ. Ова покренува голем број прашања.

Дали ЕУ треба да побара од земјите од Западен Балкан да ги воведат европските трговски закони сега или подоцна? Дали ЕУ е подготвена да понуди компензација на оние земји кои би ги изгубиле кинеските инвестиции ако тоа им се случи поради европската интеграција?

Се промени и пристапот на Русија. Брисел повеќе не мора да има шпион во Кремљ за да дознае дека Москва ќе стори сé за да ја спречи Македонија да влезе во НАТО. Дури не толку поради стратешкото значење колку поради симболичната вредност на тоа. А креаторите на политиката на ЕУ треба да бидат свесни и за фактот дека, ако во случај спорот меѓу Грција и Македонија (околу името) не успее да се реши пред самитот на земјите од Западен Балкан во мај, тоа би претставувало двоен пораз: амбициите на Македонија би биле уништени, а бриселските обиди ЕУ на Балканот да се сфатат сериозно, целосно ќе пропаднат.

Балканскиот регион е тој преку кој Русија може да работи на дестабилизација на ЕУ со многу малку политичка цена, како и во поглед на финансиските средства и во однос на конфронтација со САД. Затоа сега на европската дипломатија е да ја убеди Москва дека зголемувањето на тензиите на Балканот не е во нејзин најдобар интерес. Дали ЕУ е подготвена за тоа?

А тука е и Турција, земја чии односи со ЕУ се наоѓаат на историското дно. Сè уште не е јасно како Реџеп Тајип Ердоган ќе ги одигра своите карти на Балканот. Додека Анкара се обидува да го изгради своето влијание во регионот преку муслиманските заедници, Москва го користи своето влијание преку православните христијани.

Може ли Русија и Турција да ги координираат своите политики на начин на кој се обидоа да го сторат тоа во Сирија? Ако ЕУ не се разбуди доволно брзо за оваа нова геополитичка реалност, ќе пропадне нејзината стратегија за западниот Балкан.

Подготви: А.Ј.

 

ФОТО: EPA/MICHAEL-KLIMENTYEV

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...