Георгиески од Баку: Во залог не е само Охрид туку и функционалноста на политичкиот систем

758

Речиси три децении Охрид е жртва на несоодветно и на несовесно владеење на сите нивоа.Од монета за поткусурување помеѓу политичките елити на централно ниво до жртва на лукративните интереси на локални политички и бизнис моќници. Резултатот е катастрофален на повеќе нивоа, се огласи на Фејсбук охридскиот градоначалник Константин Георгиески од Баку каде ќе присуствува на 43-тата Сесија на Комитетот за светското наследство.

– Состојбата со урабнизмот и дивоградбите е алармантна. Ова не е ништо ново. Нов е само пристапот кој што ние како нова администрација во општината го преземаме за справување со овој комплексен урбанистички, политички и општествен проблем. Пристапот за кој зборувам е системски и сеопфатени со вклучување на соодветните институции и сите останати засегнати страни.

Општина Охрид за првпат во историјата, и единствена во државата, во согласност со препораките на УНЕСКО направи Регистар на нелегални градби. Идентификувавме 1,076 предмети за кои е констатирано прекршување на законот за градење. Од нив, фрапантни 409 се лоцирани во заштитниот појас. Справувањето со овој комплексен проблем не може и нема да се случува на прес конференции и соопштенија туку преку неуморна и посветена работа. Општина Охрид како најзасегната и најзаинтересирана ја презеде водечката и координативна улога во овој долгорочен и макотрпен процес. Во него, секој, без исклучок, ќе сноси одговорност за постапувањето и непостапувањето независно дали се работи за сторители на прекршоци или институции кои не постапувале соодветно. На увид целосно и навремено ќе се достават на јавноста наодите и резултатите од преземените мерки.

Охрид е македонско и светско културно наследство. Со поддршка на Владата и во тесна соработка со УНЕСКО преземаме активности базирани на стратечки пристап и со реално остварливи цели. Денес заминувам во Баку на 43-тата Сесија на Комитетот за светското наследство каде ќе го презентирам планот и веќе преземените мерки за заштита и унапредување на статусот на Охрид како Светско културно наследство.

Напоменав и уште еднаш потенцирам дека ништо нема да се случи преку ноќ ниту пак ќе биде едноставен овој процес. Ги повикувам јавно, сите политички чинители, граѓанскиот сектор и медиумите активно да се вклучат во овој процес. Сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид туку и функционалноста на политичкиот систем во државата, напиша Георгиески.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...