Од паркот „Жена борец“ во Скопје почна Парадата на гордоста за поддршка на припадниците на ЛГБТИ заедницата и за еднакви права на сите луѓе.
На Парадата се присутни голем број поддржувачи од земјава и странство и јавни личности. Парадата се одржува под засилено полициско обезбедување, а интерес за настанот има не само од домашните, туку и од странски медиуми.
– Не смееме да потценуваме колку е значаен овој чекор што денеска се прави. Далеку сме од целосно почитување на ЛГБТИ луѓето, ама ова е многу значаен чекор во вистинска насока. Денес, Република Северна Македонија е дел од семејството држави кои имаат одржано Парада на гордоста на својата територија – изјави за МИА, поранешниот пратеник Павле Богоевски.
Маршот на поддржувачите на ЛГБТИ заедницата треба да заврши во Градскиот парк.
Паралелно, со Парадата на гордоста, во Скопје се одржува и граѓанско-верски собир „Сведоштво за семејството“ кој е насочен кон заштита на брачните, семејните и верските вредности.
ФОТО: EPA / GEORGI LICOVSKI