Објавена „Комуникациска стратегија на Владата за 2019-2020 година“

113
Владата на Република Северна Македонија денеска го објави документот „Комуникациска стратегија на Владата на Република Северна Македонија за 2019 – 2020 година“, кој ги дефинира стандардите за отворена комуникација меѓу Владата и јавноста.

Целта на оваа стратегија, како што информираат од владината прес-служба, е да обезбеди видлив и достапен систем за односи со јавност, како целосно нов концепт за активна транспарентност и отчетност на владините институции кон граѓаните.

Стратегијата обезбедува нова комуникациска култура за критичка и слободна јавна дискусија во иницирањето, креирањето и спроведувањето на амбициозната програма за политички и демократски реформи и за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, соопштуваат од владината прес-служба.

Оттаму информираат дека со овој документ се дефинирани правци за професионален развој на владините комуникатори, стандарди за кампањи од јавен интерес, а за прв пат е усвоен и етички кодекс за владини комуиникатори. Според овие стандарди, владините комуникации, и практично и официјално, се подредуваат според правилата на етичкото, одговорно и професионално комуницирање.

Во изработката на стратегијата со свои визии, водство и придонес, учествувале и претседателот на Владата, Зоран Заев, министрите и владините комуникатори, а во целост биле земени предвид гласот и ставовите на јавноста и на медиумите, како и демократските вредности, како што се отчетноста, услужноста и слободата на изразувањето.

Комуникациската стратегија ги утврдува и ги става на увид на јавноста организациската поставеност на ПР секторот, целите и функциите на еден професионален систем со план за комуникации за петте стратешки столба на владините политики како што се: „Ние сме НАТО“, „Одиме во ЕУ“; „Силна економија – шанса за сите“; „Држава за граѓаните – вложуваме во луѓето, се грижиме“; „Едно општество, праведно и еднакво за сите“; и „Отворена влада во служба на граѓаните“, наведуваат од владината прес-служба.

Оттаму посочуваат дека стратегијата за комуникација со јавноста за 2019-2020 е резултат на речиси двегодишен ангажман и соработка на владините службеници за односи со јавност кои, согласно определбата на Владата да биде отворена, се вложиле во создавањето систем за демократски и сервисен систем за владини комуникации, остварен во соработка со Владата на Обединетото Кралство, на УСАИД и на Институтот за комуникациски студии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...