Република Северна Македонија не може да бара ревизија на азилот на поранешниот премиер Никола Груевски и Министерството за правда е немоќно да стори нешто повеќе, доколку унгарските власти одлучат да не извршат екстрадиција, нагласи заменик министерот за правда Оливер Ристовски одговарајќи на новинарско прашање околу одбиената екстрадиција за поранешниот премиер Никола Груевски.
– Тој е на постапка, тој има право на азил на три години, ако не се лажам, и тоа само се проверува во земјата во која го добила азилот. Нема врска со Република Северна Македонија. Во писмена форма се уште Министерството за правда нема добиено од Унгарија. Образложението беше, ако добро разбрав, тие имаат азил во Унгарија, азилот му е доделен поради условите во Македонија. И затоа не можат да го испорачаат во земја од која е побегнат и добива азил – рече Ристовски.
Заменик министерот за правда рече дека право на ревизија имаат само унгарските власти.