Филипче: Нема простор за обвинувања за реваншизам во битолската Болница

Можете да ме обвините за се, но никако за реваншизам или за партиска селекција. Во огласот за вработување на млади лекари во здравствените домови и сестрите во патронажен сервис никакви критериуми немаме. Доволно е да имаат лиценца за работа и тоа е мерка со која што верувам дека ќе ги задржиме нашите млади лекари и сестри да останат да работат во нашата земја, појасни Филипче

156

Нема простор за обвинувања за реваншизам во битолската Болница. Заврши инсталацијата на акцелераторот и до крајот на годинава, тој центар ќе профункционира, изјави минситерот за здравство Венко Филипче на новинарско прашање од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, за наводен случај со притисок врз дел од медицинскиот персонал заради партиска припадност.

Според него, сите луѓе коишто ги познава и по клиниките и по другите болници кои се експерти во областа ги имаат задржано своите позиции, а за случајот со Битолската болница првпат слуша, рече, и зема обврска да се запознае и дополнително да информира.

– Навистина многу направивме за битолската болница, многу експерти од клиниките дојдоа и почнаа процедури коишто дотогаш не се правеа таму. За акцелераторот има постапка која се уште е во тек за да се стави во функција. Точно е дека беше инсталиран, меѓутоа не целосно. Заврши инсталацијата и сега е фаза на комисионирање и во исто време има експерти пратено од Институтот за онкологија на едукација во Ниш и во Англија, заради тоа што нема доволно стручен кадар во битолската болница, значи ќе треба да се направи една фузија на самата дејност преку Институтот за онкологија и радиотерапија во Скопје за да тој може да функционира, појасни Филипче со увереност дека до крајот на оваа година тој центар ќе почне да работи.

Битолската болница, рече, беше прва болница во која што почна да работи и трета смена на магнетна резонанца, со што практично се елиминираше листата на чекање. Нагло паднаа од неколку месеци со тоа што најдовме уште еден рендген техничар којшто работеше и после осум часот, што е на некој начин новина и го нема во ниедна друга институција. Ќе се направи се луѓето веднаш да ја добијат и ангеографската постапка. Се осврна и на мерките за вработување на нови лекари и сестри.

– Можете да ме обвините за се, но никако за реваншизам или за партиска селекција. Во огласот за вработување на млади лекари во здравствените домови и сестрите во патронажен сервис никакви критериуми немаме. Доволно е да имаат лиценца за работа и тоа е мерка со која што верувам дека ќе ги задржиме нашите млади лекари и сестри да останат да работат во нашата земја затоа што ќе кажам платата и работното место непосредно после лиценцирањето за докторите и за сите невработени во овој момент медицински сестри им е загарантирана. Што сакаме да постигнеме? Да ги внесеме сите млади лекари со лиценца во системот на здравствени домови, прво да бидат тренирани, да можат да учат од постарите коишто се уште работат на своите позиции, вакциналните пунктови и во патронажните сервиси и притоа да имаат загарантирана плата од 30 илјада денари. Навистина работиме и мислам дека ќе успееме да времетраењето на оваа мерка од шест месеци ја продолжиме и на година дена, рече министерот за здравство.

Истото, додаде тој, важи и за медицинските сестри кои ќе влезат во патронажниот сервис којшто покрај тоа што значајно ќе го олесни функционирањето на матичните лекари во здравствениот дом, значајно ќе го олесни и пристапот на пациентите до здравствена услуга, а со тоа и квалитетот заради тоа што директно ќе им помогнат на мајките со малите деца, на постарите пациенти со хронични болести коишто сега и за најбанални работи помош треба да бараат или кај матичните лекари или во здравствените домови или пак во болниците, не само што се малтретираат и патуваат некогаш и со километри таму каде што има сериозен недостаток туку е тоа и финансиски терет за нив.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...