Заради правата на детето и на мајката, Врховниот суд донесе одлука со која издржувањето на затворската казна за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е одложено, но според обвинителот во СЈО Гаврил Бубевски, недозволиво е и понатаму да се одложува нејзиното извршување затоа што детето и наполнило една година.
– Сметам дека Законот за извршување на санкции е премногу јасен и му дава можност на судот додека детето наполни една година, заради првата на детето и мајката, да го одложи извршувањето на соодветната санкција. Денеска истекува рокот, детето полни една година, се над тоа е нешто што е недозволиво. Не сум ја видел одлуката на Врховен од кои причини се раководел, дали хуман аспект или нешто друго имал предвид. Но законот за извршување на санкции е така регулиран – нагласи обвинителот Бубевски.
Тој додаде дека е симптоматично Врховен да го одложува извршувањето на казната само кога се работи за високи функционери, како што е Јанкулоска во случајов, но и како што беше случајот со Владо Бучковски во минатото.
Јанкулоска, која правосилно е осудена на четири години затвор во предметот „Тенк“, требаше да се јави на издржување на казната на 1 јули.