Може ли оваа власт да донесе тешки одлуки и да ги одбрани од заостанатата јавност?

Бевме борци за слобода, ама ќе бидеме и борци против заостанатоста! Тоа е долга, секојдневна и макотрпна битка за која вреди да се истрае без оглед на реакциите. Таа битка треба да ја води секој со себе лично, а власта со сите нас подеднакво.

3068

Вчерашната најава на министерот за здравство Венко Филипче дека интервенции за промена на пол ќе се прават на товар на Фондот за здравствено осигурување ја отвори Пандорината кутија. Рој негативни реакции и несоодветни коментари, од типот дека оваа интервенција била нечиј луксуз и аздисаност, а дека парите треба да се насочот кон попаметни и попотребни работи како што е лекување на болни деца, на пример.

Колкумина во Македонија во моментов имаат потреба да го сменат полот? Еден, двајца, тројца? Не станува збор за лавина од лица кои имаат ваква потреба и кои веќе зеле бројче и чекаат да бидат повикани. Освен тоа, за ваквата интервенција се потребни неколкугодишни хормонски и психолошки подготовки. Факт е дека ваквите интервенции се ретки и дека дури и да се прават на државен трошок, тоа не би влијаело врз парите што се издвојуваат за потребите на другите болни лица. Но, не е сѐ во парите. Сега зборуваме и за нешто друго, а тоа се заостанатоста, предрасудите и популизмот. Три работи кои нѐ влечат надолу и кои заедно мора да ги победиме.

Каде згреши власта? Сигурно предвиделе какви реакции може да предизвика една ваква одлука во нашата јавност. Затоа мораа да ја објаснат идејата детално, целосно да ѝ ги предочат на јавноста сите аргументи, сите издатоци, бројка на потенцијални кандидати (несреќни луѓе заробени во тело со спротивен пол) и со тоа да ја разоружаат јавноста, а не само да ѝ фрлат коска за глодање. Да се разбереме, потребата за промена на полот не е личен избор – таа е внатрешен немир, потрага по себе, желба за самореализација, потреба да се биде сакан и да се сака, секојдневна болка поради заробеноста во несакано тело и копнеж за слобода! А слободата – да се биде свој во својата кожа е врвната цел на секое човечко суштество. Никој нема право тоа никому да му го одземе и сите треба да се бориме за тоа.

Требаше да се објасни дека оваа мерка нема да оштети никого, а ќе им помогне на малкумина и на нивните семејства. Никој не смее да биде дискриминиран, секој има право да се чувствува како што се чувствува, да реши во какво тело ќе живее и да биде прифатен од средината. Ништо друго не смее да биде поважно од тоа. Борбата за правата е за сите, па и за лицата кои имаат потреба да го сменат полот и при тоа и поради тоа никој да не се чувствува дека неговото право е оштетено или помалку вредно од правото на другиот.

Одлуката што израдува многумина од демократската јавност и од ЛГБТИ заедницата во пресрет на утрешната Парада на гордоста што прв пат се организира во Скопје, се издиша како балон за само неколку часа. Толку време ѝ требаше јавноста да ја истури омразата преку социјалните мрежи и за жал, министерот да ја повлече одлуката.

Вака ли ќе ја менуваме свесноста? Со подлегнување на неиздржани критики, со популизам, со цел да се задоволат нечии предрасуди, со хранење на заостанатоста? Треба да се носат тешки одлуки заради доброто на сите, ама тие одлуки треба да ја издржат критиката на јавноста, која за жал е полна со предрасуди и за тоа треба да се води сметка како за пресметан ризик.

Затоа, нашата борба не е само за правата на луѓето, туку е борба и против заостанатоста! Овде само ќе парафразирам една парола истакната некаде во СФРЈ по Втората светска војна – бевме борци за слобода, ама ќе бидеме и борци против заостанатоста!

Тоа е долга, секојдневна и макотрпна битка за која вреди да се истрае без оглед на реакциите. Таа битка треба да ја води секој со себе лично, а власта со сите нас подеднакво. Зашто подобро да му помогнеме на еден човек да биде среќен отколку да храниме илјадници мрчатори, кои и онака не знаат што сакаат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...