И таткото на петгодишното девојче коешто во средата вечерта се удави во базен во населбата Злокуќани, бил примен во болница. Тој бил итно хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во средата вечерта откако ја разбрал трагичната вест, поради влошување на здравствената состојба.
МВР работи на целосно расчистување на случајот.
Трагичниот настан кој, според полицијата, се случил во средата околу 21.10 часот, кога било пријавено дека во базен на угостителски објект во Скопје паднало петгодишно девојче. Тоа со возило на Итна медицинска помош било пренесено во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза”.
За жал, лекарите не успеале да го реанимираат и вчера во 08.30 часот, детето починало.
Во полицискиот извештај не се наведуваат други детали за трагичниот настан.