Македонскиот јазик (4)

475

Еве на што поточно мислам кога велам дека по содржина јазикот на филозофот Ив. Дичев малку се разликува од оној на Б. Борисов и Е. Захариева по содржина, иако се разликува по форма. Имено, и премиерот на бугарската влада и еден филозоф од голем „маштаб“ добро внимават некако да не излезат од шините на, по сè изгледа , семоќниот господар „етнонационализам“. Како го прави тоа Борисов, а како Ив. Дичев?

Иако либерален демократ барем на зборови, Борисов бега како ѓаволот од крст да спомне некој македонски јазик или нација во службен документ каков што беше фамозниот Договор за пријателство меѓу Бугарија и Македонија. Тој прибегна кон формулата „службениот јазик според уставот на двете страни“, а пак нашите тоа го прифатија затоа што премиерот на Бугарија добро знаеше дека Заев нема да прифати договор во кој неговиот јазик е „службен според уставот“, а пак оној на либералниот демократ Борисов „бугарски“.

Ив. Дичев нема некои големи маки со употреба на синтагмата „македонски јазик“. Кога тој вели дека Бугарите треба да ја напуштат политиката на „надмено непризнавање македонски јазик“ и да прибегнат кон „политика на зближување на двете норми“, тој сè уште е далку од тоа да признае некој македонски јазик и, во последица на тоа, нација. Зошто? Затоа што било „надмено“, било кротко или благо, непризнавањето си останува непризнавање.

Кога „великобугарскиот хегемонизам“ кој датира уште од времето на Петко Рачо Славејков (1857) и, по него, „комунистичкиот етнонационализам“ дојде до својата „научна вистина“ дека македонскиот бил дијалект на бугарскиот, кога таа научна вистина во 1978 г. (сто години од Санстефанска Бугарија“) ја модификува во друга која зборува за „писмена регионална норма“ во духот на теоријата на една руска романистка (Бородина), за која дава многу детали Т. Стаматовски во предоговор кон репринт изданието „По повод најновиот напад на македонскиот јазик“ од Конески, кога, најпосле, еден угледен филозоф предлага „политика на зближување“ на литературните норми на два јазика, повеќе од јасно е дека тој е многу далеку од тоа да признае некој македонски јазик и нација.

Тоа што еден негов велеучен собрат по перо, ука и наука (Цв. Тодоров) нема ама баш никакви проблеми да признае македонски јазик и нација; тоа што веќе го стори дури написмено кога, на едно место од својата автобиографска книга „Должности и наслади“ (Devoirs et délis, мак. прев. од авторот на овие редови), без око да му трепне соопштува дека неговата книга Face à l’extréme (Спроти екстремноста) имала и своја верзија на македонски литературен јазик (прев. на авторот на овие редови), упатува на најмалку две работи: а) или отровот на оној „етнонационализам“ не е толку силен и б) или дека постои добар противотров против тој „етнонационализам“ за кој зборува Ив. Дичев.

Цв. Тодоров (1939-2917) ја напушти Бугарија на 24-годишна возраст и замина во Франција на едногодишна специјализација за да не се врати никогаш во својата родна земја. Напиша над 50 книги кои го катапултираа во најстрогата елита на хуманитарните науки во светот. Долго време, до падот на живковизмот кога беше прогласен за doctor honoris causa, важеше за апатрид, космополит и „родоотстъпник“. Во веќе спомнатата „Должности…“ тој дава и некои детали кои секако го обликувале неговиот либерален духовен видокруг. Еден од тие е, на пример, кога неговиот татко (Т. Боров), близок соработник на Г. Димитров во Германија, ги напушта своите политички функции во последица на монтираниот политички процес на Трајчо Костов.

Но и тоа не е толку важно. Уште помалку – пресудно! Поважно од тоа е една темелна одлика на човекот. Таа одлика е механизмот „избор“ кој му стои на располагање на секој жив човек. За таа работа зборува Тодоров во една од неговите последни книги (Интимни непријатели на демократијата) во која ги анализира доктрините на Отец Пелагиј и Свети Августин. Значи, во крајна линија, јас сум тој што избира дали ќе бидам вистински или привиден либерален демократ. Громогласен, професионален „етнонационалист“ или кроток, сив и неупадлив кому „комунистичкиот етнонационализам“ му служи како добро алиби.

Длабоко сум убеден дека тие работи добро му се познати на филозофот за кој тука станува збор и затоа нема да изнесувам детали за нив.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...