Македонската политика – политиката како таква, всушност – секогаш била валкана работа. Малку биле оние кои во неа влегле со нечесни намери; уште помалку кои од неа излегле неизвалкани и со чувство дека го постигнале она заради што, по патот, си го уништиле приватниот живот и некогаш добриот глас. Во македонската политика кариерата исклучиво ви поминува во секојдневно менаџирање кризи и во низ од разочарувања во луѓе и процеси врз кои сте мислеле дека сте можеле да влијаете на подобро. А потоа, сеедно, е предоцна. Како жив песок: колку повеќе мрдате и се опирате, толку тонењето е побрзо.
Од септември натаму, македонската политика ќе стане уште повалкана и од она на што вообичаено, со висок праг на толеранција и цинизам, се навикнавме. Поставени се сите коти за уште една „конечна пресметка“ по неколку прашања: Има или нема датум за преговори? Ќе се вратиме ли на старите односи со Грција со новата влада во Атина? Што ќе стане со СЈО? Ќе оди ли некој во затвор од десетиците обвинети? Ќе земе ли залет економијата? Ќе има ли нови „бомби“ за кои силно се шпекулира дека ги поседува опозицијата? Ќе го сруши ли ДУИ, СДСМ од власт? Ќе стане ли Заев новиот Груевски? Ќе стане ли Мицкоски новиот Заев? …
Некои од одговорите на овие прашања ќе решаваат и за тоа дали ќе одиме на предвремени парламентарни избори – и тоа прашање, како и да ви се чини, не е затворено. Ако се пропушти рокот за минатиот април и идниот октомври, ете го јануари што доаѓа, не е невозможно.
Но, уште од сега е јасно дека, без разлика на одговорите на овие прашања, есенва ќе биде политички валкана, бидејќи ќе се влезе во офанзива од сите страни што ќе треба да покаже дали државата ќе се стабилизира во насоката на зацврстување на политиките за кои се залага СДСМ, што делумно ги поддржува ДУИ, а целосно ги негира ВМРО-ДПМНЕ. Влоговите се големи, а лидерствата на сите партии имаат инвестирани интереси во своите политики, што на конфликтот секогаш му дава и персонална нота.
Но, од перспектива на претстојното врело лето, жешката есен се чини далеку! Одморот, фала на прашање, мислам дека го заслуживме. Довидување во септември!
Извор: Цивил медиа