Мета ги презакажа локалните избори во Албанија за 13 октомври

Нели ви реков денеска да ја очекувате втората будалштина? Датум излезен од филџанот на измислена револуција е една АПСОЛУТНА НУЛА! 30 јуни е единствен датум на изборите, напиша Рама.

458

Албанскиот претседател Илир Мета денеска на прес-конференција соопшти дека 13 октомври 2019 е најсоодветен датум за одржување на локалните избори во Албанија, при што ја покажа новата уредба за распишување на изборите.

– Ова е уредбата за новиот датум на изборите. Тоа е 13 октомври. Двете причини зошто се одлучив за овој датум, е тоа што тој е најкус рок за организирање сеопфатни локални избори и тоа што, како што истакнав на 8 јуни, кога ја потпишав уредбата за одложување на изборите, станува збор за гарантирање на континуитетот на европската интеграција, а не за одвојување на Албанија од Северна Македонија за отворање на преговорите. Изгубивме многу време, но за среќа на агендата на ЕУ е да донесе одлука за отворање на преговорите во октомври, а средбата е на 18 октомври – изјави Мета.

Пред соопштувањето на новиот датум на изборите, Мета имаше низа средби, како со лидери на политички партии, така и со странски амбасадори и со претставници на мисиите на меѓународните организации во Тирана.

Поканата за средба во претседателската резиденција единствено ја отфрли премиерот и лидер на владејачките социјалисти Еди Рама, кој одговори дека „е во изборна кампања и нема време за средби“.

Но, Рама експресно преку Твитер реагираше на одлуката на Мета за нов датум за локалните избори, уште додека траеше прес-конференцијата на претседателот.

– Нели ви реков денеска да ја очекувате втората будалштина? Датум излезен од филџанот на измислена револуција е една АПСОЛУТНА НУЛА! 30 јуни е единствен датум на изборите, напиша Рама.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...