Арта Точи од Алијансата за Албанците ќе биде новата пратеничка во Собранието, откако вчера потпретседателот на парламентот и пратеник Весел Мемеди ја депонирал својата оставка во кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери.
Алијансата за Албанците и НДП на Весел Мемеди на последните парламентарни избори настапија со заедничка листа за пратеници. Точи за Плусинфо ја потврди информацијата.
– Од моментот кога прифатив да бидам на листата, се согласив да бидам пратеничка. Во случајов да, јас ќе бидам новата пратеничка во Собранието – ни изјави Точи.
Во периодот од формирањето на владата на премиерот Зоран Заев, па до излегувањето од извршната власт на Алијансата за Албанците, на 28 декември 2017 година, Точи беше заменик министерка во Министерството за надворешни работи.
Одлуката Точи да седне на местото на Мемеди во Собранието, утре најверојатно ќе добие виза и на Централниот одбор на Алијансата. По ова, Алијансата за Албанците во Собранието ќе има тројца пратеници, лидерот Зијадин Села, Сурија Рашиди и новата пратеничка Арта Точи.
Мемеди пак, откако на прес конференција обелодени дека ќе се повлече од функцијата потпретседател на Собранието и дека ќе го врати пратеничкиот мандат, вчера попладне оставката ја депонирал во Кабинетот на Џафери. Засега нема информација кога Џафери ќе закаже седница на која Собранието ќе треба да ја констатира оставката на Мемеди.
За оставката на Мемеди денеска реагираше пратеникот на ДУИ Артан Груби кој го повика да се премисли.
– Изјавата на Весел Мемеди е избрзана, се надевам ќе размисли и ќе ја преиначи одлуката и ќе ја повлече оставката – изјави Груби и додаде дека оставката нема да се одрази врз парламенрарното мнозинство.
Повлекувањето на НДП од Владата и од Собранието навестува можен пресврт на локално ниво во Општина Гостивар во корист на Алијансата за Албанците. Мнозинството во гостиварскиот Совет сега е во рацете на ДУИ, а градоначалник е Арбен Таравари од Алијансата. Веќе се најавуваат разговори помеѓу Алијансата и двајцата советници од НДП. Доколку се здружат, односно советниците на НДП решат да дејствуваат опозициски, тогаш ДУИ ќе го изгуби мнозинството во Советот на Гостивар.