Инспекциските служби во Охрид кај 1.076 предмети констатирале нелегална градба, од кои 409 се во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во Стариот дел на градот. Ова го покажува новиот Регистар за нелегални градби на територија на општина Охрид во периодот од 2006 до 2019 година, изработен согласно со препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
Од регистрираните предмети во заштитениот дел, како што соопшти Општина Охрид, 82 се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, осум за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти.
Во наредниот период општинските надлежни служби најавија проверка и финално уредување на целокупниот регистар, по што ќе се пристапи кон поединечна ревизија за секој посебен предмет и ќе се носат одлуки за натамошно постапување.
– Со изготвување на Регистарот на нелагални градби, Општина Охрид во рекордно време исполни дел од своите обврски, кои се произлезени од владината работна група, која постапува по препораките на УНЕСКО, а Регистарот за нелегални градби треба да се достави до Владата најдоцна до 1 септември – посочува општинската прес-служба.
Комитетот за културно наследство следната недела во Баку, Азејберџан ќе ја одржи 43. сесија на која се очекува да биде донесена одлука и да биде дадена препорака за идниот статус на светското природно и културно наследство на Охрид, врз основа на забелешките од мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година.