Собранието вечерва ги разреши од функцијата министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и министерот без ресор задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика. Министрите беа разрешени со мнозинство гласови.
Освен нив, на почетокот на денешната собраниска седница беа констатирани оставките на министрот за земјоделство Љупчо Николовски, на министерот за култура Асаф Адеми, на министерот за животна средина Садула Дураку и на министерот без ресор Зоран Шапуриќ.
Денешната расправа за предложената реконструкција на Владата помина во остри реплики и контрареплики меѓу опозицијата и власта. Освен за политиките на Владата, пратенциите се конфронтираа и за капиталните инвестиции, за Договорот од Преспа и за евроинтегративните процеси на државата.
Опозицијата оцени дека станува збор за погрешни кадровски решенија бидејќи се разрешуваат ефикасни министри, а остануваат министри во Владата кои не покажале резултати. Пратениците од опозицијата побараа оставка од Заев на премиерската функција, формирање на техничка влада и предвремени парламентарни избори во октомври.
Според пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, оние кои требало да бидат разрешени се вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи бидејќи тој не успеал да ги координира активностите за државата минатата година да добие датум за преговори со ЕУ, потоа министерот за образование Арбр Адеми и министерот за животна средина Садула Дураку, кој наместо да биде разрешен, е прераспределен на нова функција во новото Министерство за политички систем.