Синот на познатиот македонски драматург Горан Стефановски, Игор, преку социјалните мрежи замоли за донации од граѓаните за да се соберат пари со кои ќе се плати клупата со скулптура од Стефановски, која веќе се изработува во Лондон, Британија.
„Ги замолувам сите оние кои би сакале да се оствари идејата за клупа со Горан Стефановски во Дебар Маало да кликнат на овој линк, да видат за што се работи, да донираат ако се во можност и, најважно, да го препратат линкот… Сите по малку = многу е муабетот“, напиша Игор вчера на својот профил на Фејсбук.
Скулптурата на Горан Стефановски седнат на клупа веќе се изработува во Лондон. На овој линк може да се видат фотографиите од процесот на нејзината изработка.
По смртта на Стефановски и по иницијатива на МАНУ, Општина Центар најави дека во негова чест ќе направи спомен обележје кое ќе биде поставено во неговото омилено Дебар Маало во Скопје. Беше најавено и дека покрај дрвото ќе биде поставена клупа со скулптура од Стефановски.
Но, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ за СДК.мк рекол дека скултурата ќе чини 100.000 евра, за што треба да се распише тендар, а семејството инсистирало таа да се лие во Лондон. Сакајќи да помогне, Богдановиќ најавил донаторска акција во август.