На денешната седница во Собранието каде се расправа за реконструкција на Владата, премиерот Зоран Заев најави дека иако законот и Уставот дозволуваат, тој сепак ќе го повлече предлогот да биде именуван за министер за финансии. Но, рече ќе раководи со овој ресор додека да се назначи нов министер. И тоа, според Заев, го има и во други земји.
На ова бурно реагираше опозицијата од каде пратеникот Антонио Милошоски рече дека единствен премиер кој е и минисер за финансии е тој на Белизе и затоа е најспоменуван во случаи за корупција и криминал. Исто така, Милошоски рече дека Заев не може да има овластувања во министерството за финансии додека да дојде нов министер.
– Ако биде разрешен министерот за финансии, заменичката Елези е единствената овластена да ги извршува сите функции. Ова што денес се случува покажува дезориентираност и неефикасност на премиерот кој има 40 советници. Еден премиер кој самиот не знае дека не може да се предложи и за министер, покажува дека е неефикасен и нефункционален – рече Милошоски.
Заев прво возврати на коментарот на пратеникот за Белизе.
– Не знам од каде ви е познато за Белизе ама изгледа знаете, познато ви е – рече премиерот.
Тој порача оти не се кандидира за да потпишува одлуки туку заради креирање политики, покачување на платите, пензиите.
– По овие две години со овие економски перформанси, ќе се носат храбри и убави политики. Веројатно ви е страв – рече Заев.