Антикорупциската комисија испрати допис до Собранието во кој укажува дека ако премиерот Зоран Заев биде избран и за министер за финансии ќе дојде до судир на интереси, поради што тие ќе мора да реагираат.
Дел од дописот го пренесуваме интегрално:
„Антикорупциската комисија во врска со предлогот за избор на членови на Владата, со кој премиерот е предложен за министер за финансии смета за потребно да укаже на следното:
Согласно член 72 став 1 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси службеното лице е должно да внимава на судир на интереси и да преземе мерки за нивно одбегнување.
‘Избраното или именуваното лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функцијата која ја врши со други функции или дејности утврдени во Устаот и законите. Функцијата Претседател на Републиката, Претседател на Влада, министер, пратеник, член на совет, градоначалник судија, јавен обвинител судија, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието, Владата или органите на локалната самоуправа се неспоиви една со друга’.
Во овој случај кога премиерот би се избрал за министер за финансии ќе настане повреда на горецитираните одредби при што Државната комисија ќе биде принудена да преземе конкретни мерки согласно нејзините надлежности утврдени во Законот за спречување на корупција“, пишува во дописот на Антикорупциска до Собранието.