Балкан-проширувањето ја дели ЕУ

Од таква гледна точка, индигнираните изјави на францускиот амбасадор Тимоние околу упорноста Македонија колку што е можно побрзо да добие датум за преговори, наоѓаат поткрепа во ставовите на неговиот шеф Ле Дриен, кој, коментирајќи го незадоволството на Сијарто од спороста на евроинтеграциите кон Западен Балкан, кратко рече дека не може лесно да се пренебрегнува фактот оти патот до членството е – тежок. И неизвесен.

513

Одложувањето на почетокот на пристапните преговори беше многу нефер за вашата земја, рече деновиве во Скопје унгарскиот шеф на дипломатијата Сијарто, тврдејќи дека Унгарија се залага „за итен почеток на пристапни преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ“.

Наскоро или премногу доцна? Мислењата и гледиштата кога ЕУ-членството би можело да биде актуелно за земјите во Западен Балкан длабоко се разидуваат во рамки на Унијата. Истокот притиска за забрзување – додека Западот се двоуми.

Кога Унгарија би имала поголемо влијание брзината на проширувањето со нови членки би требало значително да се интензивира. 2022 година би била релистична за проширување на ЕУ со Србија и Црна Гора, рече лани Сијарто по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Софија, зборувајќи околу новата стратегија на за Западен Балкан со која Србија и Црна Гора беа издвоени како “потенцијални“ кандидатки за прием во ЕУ-членството веќе во 2025 година. Тоа е премногу доцна, тврдеше Сијарто.

Но највлијателните земји во ЕУ како Франција и Германија изразуваат скептични гледишта. За разлика од Сијарто, неговиот француски колега Ле Дриан нагласува дека постојат барања и услови кои се тешки.

Копјата често се кршат во однос на анализата на поранешните искуства. Кога ЕУ се прошируваше во три фази во текот на 2000-тите години, пред се во Источна и Централна Европа, постоеле поголеми разлики меѓу старите и новите ЕУ-членки отколку при претходните кругови на проширување, како на пример во 1995 година кога во членството се примени Австрија, Шведска и Финска. Проширувањето кон Исток не донесе брзо израмнување на приходите меѓу земјите-членки. Таквиот јаз беше уште повеќе зголемен подоцна со финансиската криза и рецесија.

Но и кога претходникот на ЕУ, ЕЕЗ, била основана во 1950-тите години еконмските разлики биле големи меѓу првите шест земји. Италија била значајно посиромашна од другите членки. Тоа може да го објасни фактот дека заедничкиот пазар на труд не бил формиран директно туку постепено во текот на 1960-тите години. Но Италија сепак имала брз економски раст, а кога било овозможено слободно движење на работна сила, односно кога биле отстранети административни пречки да се бара работа во други земји во рамки на ЕЕЗ, не се случил позначаен пораст на миграциите од Италија. Големото иселување од Италија, пред се во Германија и другите развиени западни земји, се случило порано.

На сличен начин веднаш не дошло до проширување на заедничкиот пазар на труд кога Шпанија и Португалија станале членки на ЕУ. Всушност, како и претходно, резултатот бил ист: дошло до ограничено иселување од новите членки на заедничкиот пазар откако границите биле отворени за движење на работна сила. Главната причина за таков развој била дека претходно разликите во приходи веќе биле намалени. Јужноевропските земје забележале брз економски развој кој претходел на нивното полноправн членство.

Од последната стратегија за потенцијални членки во Западен Балкан меѓу другото произлегува дека Унијата своите проценки ги гради и врз низа скапо платени искуства од приемот на источноевропски земји, така што во пристапот кон натамошно проширување сега се приоѓа со извесна доза на претпазливост.

Таквиот пристап пред се подразбира дека економијата во балканските земји би требало да има поголема конкурентна моќ – за работната сила од овие земји да не мигрира во поголем обем во други ЕУ-членки. Иако таков процес, всушност, веќе се случува. Малцинските права мора да се гарантираат и правната држава да зајакне, а што во контекстот на масовните миграции од посиромашните региони и земји на Истокот кон богатите западни членки има посебно значење. Масовното иселување на Роми од Романија и Бугарија и ширењето на питачење по улиците на западноевропските метрополи одат во прилог на таквиот скептицизам кој фокусот во таа смисла го свртува и кон земјите во Западен Балкан и нивниот стремеж да се зачленат во ЕУ. И со тоа да ги ползуваат и придобивките на заедничкиот пазар на труд.

Познато е дека Европската комисија смета дека има силни аргументи зошто е подобро да се вклучат балканските земји во евроинтеграциите, и да се поддржи нивната работа за јакнење на демократијата, мирот и економијата, отколку да бидат оставени во нејасно дефиниран простор во непосредното соседство на ЕУ. Но прашање е дали едновремено и граѓаните на Унијата го делат таквото мислење? При претходната експанзија кон Исток големото мигрирање на работна сила, меѓу другото од Полска, значајно придонесе за поттикнување на ЕУ-критички гледишта во најшироката јавност, а што водеше кон Брегзит.

Палењето на зелено светло, или доделувањето на датум за почеток на преговори за членство, не можат да се одвојат од препазливоста на најмоќните европски политичари во однос на критичкото јавно мислење кое сака да добие гаранции дека ЕУ-членките нема да бидат принудени, на пример, да се соочат со Грција во реприза, односно спасување на државни финансии зафатени со длабока криза. Или пак дека не ќе може не може да се изнајде репшение за спречување на натамошне извоз на организиран криминал од Истокот. Тенденциите кон „заробена држава“ во земјите чие ЕУ-членство сега се дискутира мора да бидат прекинати и свртени кон позитивен тренд.

Од таква гледна точка, индигнираните изјави на францускиот амбасадор Тимоние околу упорноста Македонија колку што е можно побрзо да добие датум за преговори, наоѓаат поткрепа во ставовите на неговиот шеф Ле Дриен, кој, коментирајќи го незадоволството на Сијарто од спороста на евроинтеграциите кон Западен Балкан, кратко рече дека не може лесно да се пренебрегнува фактот оти патот до членството е – тежок. И неизвесен.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...