Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, овие два дена ќе учествува на редовниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во Брисел.
На состанокот, како што јави дописничката на МИА, министрите ќе разговараат за буџетските трошења на земјите членки во делот на одбраната. Секоја земја има обврска до 2024-та година да постигне стапка од два отсто од бруто домашниот производ за одбраната и со тоа да го зголеми својот придонес кон операциите на Алијансата.
Според последниот извештај на НАТО за 2019-та година забележан е позитивен тренд кај голем број земји членки, оцени вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтнеберг, и истакна дека е уверен дека целта од два отсто ќе биде постигната на време.
НАТО членките овие два дена ќе разговараат и за односите со Русија, на која и поставија рок до 2 август да се усогласи со нуклеарниот договор за ракети од среден дострел, познат како ИНФ, во спротивно ќе бидат преземени пропорционални мерки, најави вчера Столтенберг. Денешниот состанок ќе биде прилика за земјите членки да разговараат за можните чекори кон Москва по 2 август.
На дневен ред ќе биде и дискусија за етаблирање рамка за идната вселенска политика на НАТО, а ќе се дискутира и за Авганистан и Иран.
Ова е второ учество на министерката Шекеринска на министерски состанок во овој формат, со што Северна Македонија стана и активен учесник во функционирањето на Алијансата.
Во Брисел, министерката Шекеринска ќе има билатерални средби со министрите за одбрана на Шпанија, Холандија, Италија, Норвешка и Полска.
По дводневниот министерски состанок, министерката Шекеринска ќе учествува на Бриселскиот форум организиран од Германскиот маршалов фонд, каде ќе се обрати на панелот посветен на иновациите и новиот пристап кон безбедноста, велат од кабинетот на министерката.