Плетените бикини, дело на 74-годишната Магда Петроска, деновиве мамеа погледи во Крушево. Многумина ги гледаа, прашуваа за нив, ги фотографираа, на импровизираната тезга на која тие се продаваа заедно со други плетени работи, изработени од оваа неуморна жена.
– Кога рекоа оти се плетат купаќи, си реков, ајде да измислам едни купаќи. Гледав на интернет и по весници плетени костими. Пред две години направив три рала, двете се продадоа, уште едното остана. Ги купи една жена од Србија по 700 денари од пар. Костимите беа многу убави, плетени со мерцилизиран конец и во вишна боја. Некои забележуваат дека имаат многу дупчиња, ама таква е плетката – вели Петроска.
Таа плете од дете. Учела од нејзините баба и прабаба, а денес плете и на ченгелаке и на игли и поентлес.
– Сѐ работам. Јас во „Илинденка“ имам 35 години работен стаж, бев пеглачка на преса. Кога ќе дојдев дома плетев за сопствени потреби, но и за продажба, а и помагав на блиски. Дополнителна дејност ми беше плетењето – рече Петроска.
Сега е член на здружението Цвет, кое постои 23 години и се занимава со плетени работи. Денес предизвик ѝ е да плете ѓердани.
– Ги измислив со љубов и со желба, и цветови, и ѓердани, и обетки, сѐ направив. Како се менуваше модата, така ми доаѓаа идеите. Плетена бижутерија – раскажа Петроска.
Се пожали дека сега послабо се продаваат рачни изработки, за разлика од пред десетина години кога доста купувале Американци, кои доаѓале во посета на Крушево.
– Сега странците најмногу ги бараат капите. Во зима ќе дојдат, ќе речат, дај некое со козирка, некое без козирка да им направам. И шалови и ракавици. Плетените шамивчиња одат, странците ги купуваат за на оро – додаде Петроска.
Најскап е поентлесот, кој чини од 100 до 150 евра.