Една читателка на овие мои секојдневни коментари некни проникливо ми порачува дека, и покрај мојата оценка за „трчимочај“ квалитетот на сегашната реконструкција на Владата на Заев, тој не треба никогаш да се потценува, бидејќи докажал дека поседува инстинкт за преживување рамен на оној на Худини кој, фрлен во затворено буре, со врзани раце и нозе, низ водите на Нијагарините Водопади, на крајот излегува жив, здрав и одврзан од бурето, со широка насмевка на лицето!
Од целата оваа аналогија, јас би се согласил дека Заев во моментов е во бурето, пред да биде фрлен низ водопадот. За насмевката на крајот ќе мора да причекаме.
Заминувањата на Драган Тевдовски и на Петар Атанасов од Владата значително го намалуваат политичкиот, социјалдемократски капацитет на СДСМ во извршната власт. Културата е препуштена на сосема несоодветен кадар, со силни шпекулации за неговите релации кон сфаќањето на Ердоган за тоа како треба да се владее во демократијата. Образованието, заглавено во бројни проблеми, ќе продолжи да се шлепа на патерица, без посериозни шанси за какви било позначајни реформи. Политичкиот систем ќе го раководи кадар кој од модерни политички концепти и практики разбира ракување со вентили. Во секторот на правдата, како што стојат работите, побрзо ни треба некој офицер со биографија од воената полиција, одошто универзитетски професор. Останува Мила Царовска како неприкосновена ѕвезда во социјалните реформи, а противречностите во здравството ќе продолжат да произведуваат секојдневни проблеми речиси и без разлика на тоа кој раководи со него – таму суетите и парите се фактори кои никој жив не може да ги контролира на начин јавниот интерес да биде во прв план.
Остануваат трите државни министерства кои се котвата на стабилноста на власта, иако надворешните работи веќе не зависат од нас и од компетентноста на Димитров; одбраната е на шините на НАТО, и со и без Шеќеринска; а во внатрешните работи, што е добро, превладува резонот на превенција и асистенција, а не производство на „чиста политика“, како што се бевме навикнале во речиси сите изминати триесетина години.
Другото се неколку крупни владини сектори, бројни дирекции и разни началства врзани за економијата, со кои Заев најавува дека допрва, диригентски, „ќе држи економска лекција“. Прво што ќе се почувствува во наредните неколку месеци ќе бидат повеќе пари во стопанството, а можеби и меѓу народот, заради што, како што се чини, мораше да биде тргнат Тевдовски.
Ова е точката во која Заев се откажува од политиката – условно сфатена како поле на бескрајни реформски расправии – и става сè на една карта: економија. Така и делува, уморен од бескрајните „мрчења“ за перипетиите, спороста и неефикасноста во општествените преобразби. Секој понатамошен изгубен ден на таа агенда – мора да си мисли премиерот – е ден поблиску до идните избори, со ослабена аргументација за победа и нов мандат. Сега е решен во преостанатите петнаесетина месеци од овој мандат да поентира во она што мисли дека најдобро го владее – во управувањето со јавните пари, како најефикасно и упростено средство за произведување политичка реалност, на кратки, предизборни стази. Се работи за едно „џебно“, социо-инженерско толкување на Маркс за базичните конфликти и нивното разрешување во капиталистичкото општество.
Со други зборови, го сакавте „технократот“ Груевски – сега ќе видите како изгледа тоа во продукција на Заев!
Во таа логика има и една скриена намера: да се пресретне евентуалното разочарување од пропаѓањето на датумот за отпочнување преговори со ЕУ. Само спектакуларен и брз економски резултат, како пропагандно и да се толкува, може да го спаси од курвањето во Унијата со нашата евро-судбина.
Во таа логика има и една не толку скриена опасност: криминалот и корупцијата (повторно) да ја прегазат правната држава. Таа, која никако да ја воспоставивме.
Да се вратиме на Худини: бурето се тркала кон водопадот, а никој не знае што прави точно Заев во него за да ги раскине јазлите со кои е врзан.
Велат, кој последен се смее, најслатко се смее. Под услов да излезе жив од бурето.
Извор: Цивил медиа