Излегува ли Весел Мемеди од Владата?

1505

Премиерот Зоран Заев не успеал да го убеди лидерот на НДП Весел Мемеди за рокада на Mинистерството за локална самоуправа со Mинистерство без ресор за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

Неизвесно е дали НДП ќе остане надвор од Владата, бидејќи на утрешната седница за реконструкција на владиниот кабинет, Сухел Фазлиу, ќе биде разрешен од функцијата министер за локална самоуправа, бидејќи до Собранието Заев не доставил предлог за избор на нов министер без ресор, на кое досега беше Зоран Шапуриќ од ЛДП, а сега понудено на Мемеди.

Можно е новиот владин кабинет да биде намален за две министерства, тоа за финансии, откако премиерот реши да биде и министер на државната каса, како и министерството без ресор, ако Заев не одлучи наместо на НДП тој ресор да го понуди на некој од владините партнери.

Премиерот за Плусинфо вели дека неколку пати разговарл со Мемеди. Со ова, Заев го демантира Мемеди кој во изјава за медиуми на албански јазик рекол дека не бил консултиран.

На прашање на телевизијата 21 зошто е разрешен Фазлиу од локална самоуправа, Заев одговорил:

– Не сум задоволен од резултатите на Министерството за локална самоуправа. Зборувавме неколку пати за тоа и беа информирани. Но, за жал, тие не прифатија алтернативна понуда да го добијат Министерството за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

Мемеди, пак, изјавил дека Министерството за локална самоуправа му припаѓа на НДП и дека премиерот не може да донесе одлука без нивна согласност. Според него, ресорот локална самоуправа Заев го дал на ЛДП бидејќи имал проблеми со таа партија и за да го задоволи коалицискиот партнер, но на штета на владината коалиција.

И покрај обидите Мемеди не одговори на нашите парашања дали ќе ја прифати понудата на премиерот или ќе реши НДП да остане надвор од владиниот кабинет.

Извори од власта коментираат дека „ако е паметен“ Мемеди ќе ја прифати понудата, во спротивно НДП во власта ќе партиципира само во Собранието со пратеникот и потпретседател на парламентот, лидерот Мемеди. Објаснувањето е дека Мемеди треба да си ја одмери големината на партијата, односно дека лидерот на ДПА Мендух Тачи во Владата има само еден министер без ресор иако има двајца пратеници.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...