АНАЛИЗА: Скоро половина од државните фирми и јавни претпријатија со загуби!

Од вкупно 29 Јавни претпријатија и фирми во целосна државна сопственост дури, 13 прикажуваат загуби во милионски суми.

796

Од вкупно 29 Јавни претпријатија и акционерски друштва во целосна државна сопственост, 13 прикажале загуби пред оданочување во 2018 година. Ова значи дека  скоро половина од државните претпријатија се во зона на неликвидност, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Според  финансиските показатели, ланската години збирно,  сите овие државни фирми биле во позитива со 67 милиони евра. За дел од заемите на државните фирми и јавните претпријатија – гарантор е државата, а според прогнозите во следните години се очекува раст на гарантираниот долг како процент од БДП поради планот за нови заеми за инфраструктурни проекти.

Должничка листа – приходи, расходи, загуби, добивки ..

Јавните претпријатија, трговските друштва формирани од државата, општините, локалните претпријатија формирани од општините и јавните здравствени установи ја сочинуваат „петорката“ која има најголеми доспеани, а неплатени обврски во 2019 година. Според податоците, во првите десет „должници“  кои се под државна (локална) капа се и локални установи, регулаторни тела, институции на национално ниво. Еве колку изнесуваат доспеаните, а неплатени обврски на крајот од април 2019 година:

Јавни претпријатија, државни трговски друштва           79,0 милиони евра

Општини                                                                            66,3 милиони евра

Локални претпријатија основани од општини                 56,1 милиони евра

Јавни здравствени установи                                            45,3 милиони евра

Буџетски корисници (прва линија)                                   16,8 милиони евра

Од вкупно 29 Јавни претпријатија и фирми во целосна државна сопственост дури, 13 прикажуваат загуби во милионски суми. Така, по завршување на 2018 година, загуба пред оданочување  прикажале државни фирми од областа на инфраструктура, железница, спортски центри, јавниот сервис МРТ, „Железница – транспорт“, „Железница – инфраструктура“, „Национална пошта“, „Национална радиотелевизија“, „АД за Стопанисување со станбен и деловен простор“, ЈП Стрежево – Битола, ЈП Злетовица – Пробиштип,  АД „Аеродроми на Северна Македонија“, ДООЕЛ „Борис Трајковски“ – Скопје,  ЈП за водостопанство во „Лисиче“ – Велес, ЈП „Јасен“ – Скопје, ЈП „Агро – Берза“ – Скопје и ЈП за стопанисување со пасишта – Скопје.

Сите 29 јавни претпријатија и трговски друштва во целосна државна сопственост лани оствариле приходи од 638,0 милиони евра, расходите биле 571,1 милион евра со што добивката пред оданочување изнесувала 67 милиони евра. Годинава, според проекциите од новата Фискална стратегија, сите овие фирми и јавни претпријатија – сумирано ќе прикажат загуба од 7,5 милиони евра.

Заемите за инфраструктура ќе го зголемат „гарантираниот долг“ зад кој стои државата 

Како дел од долгот на Јавните претпријатија се и заемите за кои како гарантор стои државата. Владата има план овие долгови кои се државна гаранција и кои се нотирани во дел од извештаите на меѓународните финансиски институции, да се лимитираат на максимални 13% од Бруто домашниот производ.

-Издадените државни гаранции претставуваат потенцијална обврска за буџетот на државата, односно постои ризик од зголемување на трошоците за сервисирање во случај на нивно активирање. Затоа од големо значење за Министерството за финансии е висината на издадените гаранции да биде на одржливо ниво на среден рок. Заради тоа, при изборот на проекти за кои ќе се издаде државна гаранција, посебен акцент ќе се стави на оние проекти што се самоодржливи и генерираат приходи, што се поддршка на економскиот раст и ќе овозможат поголема конкурентност на домашната економија на среден рок, што се во согласност со стратешките приоритети на Владата на РСМ и имаат оправданост за намената за која се користат средствата. Во таа насока, за периодот 2020-2022 година се утврдува лимитот на гарантираниот јавен долг да не надмине 13% од БДП, се наведува во новообјавената Фискална стратегија.

Сепак, во следните три години се очекува раст на гарантираниот долг бидејќи се планираат нови заеми за инфраструктурни проекти, па така во проекциите се наведува:

– Во периодот 2019 – 2021 година се очекува интензивирање на инвестициите во областа на патната инфраструктура кои се имплементираат со заеми гарантирани од државата. Заради тоа се очекува зголемување на состојбата на гарантираниот долг, и се утврдува лимит за максимално нето-задолжување по основ на гарантиран долг во 2020 година до 250 милиони евра.

Умереното зголемување на гарантираниот долг се очекува до 2021 година поради, како што се посочува, имплементација на проектите главно во патната инфраструктура со заеми гарантирани од државата. Еве како ќе се движи трендот на гарантираниот долг:

 

Гарантиран долг како % од БДП:

 

2018 година      8,0%

2019 година      9,5%

2020 година     10,5%

2021 година     11,1%

2022 година     10,1%

 

Освен Владата, свои проекции за движењето на буџетскиот дефицит и државниот долг дадоа и Светска Банка, ММФ и Европска комисија. Прогнозите на ММФ за движењето на државниот долг се блиски до владините прогнози, но сепак од Меѓународниот монетарен фонд не очекуваат намалување на државниот долг под 40% од БДП, како што очекува Владата. Според ММФ, државниот долг до година ќе биде 41,3% од БДП, во 2021 година ќе се зголеми на 41,8% а во 2021 та ќе достигне ниво од 42,1%. А разлика од ММФ, владините проекции укажуваат на намалување на државниот долг на 39,8% во 2021 година и на 39,0% во 2022 година.

 

“Порталб“ повикувајќи се на новообјавената Фискална стратегија, веќе ја анализираше стратегијата за менаџирање на јавниот долг и проекциите за движењето и на вкупниот Јавен долг и на државниот долг. Во наредниот период достасуваат за плаќање значителен износ на претходно земени обврски, односно во периодот 2019-2022 треба да се отплатат вкупно 2,3 милијарди евра само по основ на главница на долг на централна власт и гарантиран долг.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...