Околу 250.000 лица во Македонија имаат висок притисок, а половината воопшто и не знаат за тоа

Лицата кои веќе имаат хипертензија и користат редовна терапија, за жал, во голем број немаат задоволителна регулација на крвниот притисок. Тоа е причината за честа посета, не само кај нивниот семеен лекар, туку и кај специјалистите.

480

Проценката за Македонија е дека има околу 250.000 лица со висок крвен притисок. Половина од нив воопшто и не знаат дека имаат висок крвен притисок. Лицата кои веќе имаат хипертензија и користат редовна терапија, за жал, во голем број немаат задоволителна регулација на крвниот притисок. Тоа е причината за честа посета, не само кај нивниот семеен лекар, туку и кај специјалистите. Како причина за преглед, хипертензијата е меѓу најчесто наведените причини, вели за Плусинфо вишиот научен соработник, д-р Билјана Герасимовска, нефролог на Универзитетската клиника за нефрологија и претседател на Македонската асоцијација за хипертензија.

Таа објаснува зошто високиот крвен притисок е „тивок убиец“, кога треба да почнеме да пиеме лекови за да го намалиме, а кога може да го регулираме без терапија, само со физичка активност и внимавање на исхраната. 

Светскиот ден за хипертензија, кој беше во мај, се одбележуваше под мотото „Дали го знаеш својот број?”

– Веќе неколку години наназад, Светскиот ден за хипертензија го има мотото „Дали го знаеш својот број?“. Тоа се однесува на лица кои никогаш не измериле крвен притисок, вклучително и млади. Се однесува и на лица со веќе востановена хипертензија, кои треба да знаат дали крвниот притисок е добро регулиран со терапија. Македонската асоцијација за хипертензија го одбележува Денот на хипертензија со информации, мерење на крвниот притисок или со едукација на колегите.

Како самите може да го намалиме високиот притисок, а кога мора да препишете терапија? 

– Кај лицата со лесна до умерена форма на хипертензија, се започнува со препораки за промена на животен стил – промена во исхрана и физичка активност. Контролата кај лекар е потребна за лекарот да дефинира дали пациентот има хипертензија, дали, според вредноста на крвниот притисок и според вкупните ризици, е неопходно започнување со терапија.


Многу пациенти завршиле и на хемодијализа 


Д-р Биљана, која е опасноста од нерегулираниот притисок? Колку пациенти, поради нелекувана хипертензија, ги разболеле бубрезите и заглавиле на дијализа?
  

– Хипертензијата е втора најчеста причина (по дијабетот) за хронична бубрежна болест. Има многу пациенти на хемодијализа кои имале нерегулиран крвен притисок.

Некои пациенти се плашат да мерат крвен притисок. Колку често треба да се мери овој параметар, за да имаме вистински увид дали имаме или не зголемен притисок? 

– Важно е правилно мерење на крвниот притисок во домашни услови, во седечка положба, по мирување од три минути, раката поставена на маса, со дигитален монитор на крвен притисок или со сфигмоманометар. Се мери неколку пати во текот на денот, бидејќи е можна варијабилност.

Кафето предизвикува краткотраен пораст на крвниот притисок

 

Дали е точно или е заблуда дека пиењето кафе го зголемува притисокот? 

– Кафето, односно кофеинот, може да предизвика краткотраен пораст на крвниот притисок. Тоа нема долгорочен ефект на крвниот притисок.

Солта е многу опасна за притисокот – како помалку да ја внесуваме? Некои луѓе не сакаат да консумираат храна која не е солена, а забораваат дека солта е скриена и во многу прехранбени продукти? 

– Важно е дека оброкот не треба да се досолува и треба да се избегнуваат конзервирани и пресолени продукти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...