Апатија е состојба на духот која е последица на чувството на безнадеж. Тоа е она чувство кога сфаќаш дека работите во континуитет се движат во погрешна насока, а немоќен си било што да промениш. Апатијата станува драматична и добива нов слој на очај кога после долготрајна агонија ќе се појави зрак на надеж, за потоа истиот да се угаси, компромитирајќи се и претворајќи се во целосна спротивност на сопствената изворност.
Не е лошо кога немаш, туку кога ќе те подлажат дека можеш да имаш. Тој нов накалемен слој на безнадеж ја прави апатијата уште подраматична и предизвикува силна внатрешна болка. Тоа е она што ни се случува сега како оштество и како држава. Колективна апатија.
Подлажани дека можеме да доживееме нормалност, гледаме тапо на хоризонтот прашувајќи се зошто не се искористи шансата, туку се продолжи надолу по инерција. За да биде тагата поголема, наспроти себе имаме крекави и хистерични ликови кои ги бранат сопствените новостекнати општествени позиции убедувајќи нė дека сė е супер, само ние тоа нe го приметуваме или уште полошо, тенденциозно критикуваме, незадоволни што не сме ухлебени на државна цицка. Како божем државната цицка да е некаква мерка за успешност или професионален предизвик.
Меѓународната нė стави на шини,надевајќи се дека имаме сили да тргнеме напред, ама превиде дека моторот е зарибан, а фиљан механичари нема ни за лек.
Како врв на нашата несреќа, која е автохтона и е комплетно последица на немањето домашен капацитет, е нашата внатрешна раскараност и исподеленост по сите основи, па дури и по најбаналните. Злото посеано наоколу прави секојдневно да жнееме омраза и нė прави гневни до болка. Се мразиме и се гледаме низ нишан како да треба да делиме азно, иако за делење ништо немаме, освен една голема колективна тага.
Македонија е неуспешна држава. Многу неуспешна. Среќни сме кога не сме длабоко поразени и понижени, а за победи и не размислуваме.
(ФБ статус на авторот)